Денеска е трет ден Божиќ – се празнува Св. архиѓакон и првомаченик Стефан

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 декември.

Денеска е Св. архиѓакон и првомаченик Стефан.

Овој Стефан беше евреин, соработник на апостолите. Еден е од седумте ѓакони на ерусалимската црква. Со него почнува подвигот на мачениците, па во таа смисла и е наречен првомаченик. Пострада од евреите во Синедрионот, откако во долга беседа им докажуваше дека оној Исус кого тие го убија беше навистина Помазаникот што го очекуваат, т.е. Христос. Расказот за него може да се прочита во новозаветната книга Дела апостолски. Во 415 година, неговите мошти се пронајдени на чудесен начин и сместени во Сионскиот храм во Ерусалим.

(Именден празнуваат: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко…)

На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој е прв што настрадал за Христосовата вера. Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана Христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен Архиѓакон.

Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напоменувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсеевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва, го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале. Умирајќи тој се молел на Бога за себе си, но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: „Господе, не земај им го ова за грев“. Народот што го каменувал Стефана му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Тоа момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните подоцна со името Павле станал најголем приврзаник и афирматор на христијанството. Христијаните го зеле телото на Стефана и достојно го погребале во близината на Ерусалим. Култот на Св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на Св. Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во кои биле моштите на Св. Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: „Зошто не тепате? Светецот треба да биде поставен овде!“ Царот веднаш на тоа место подигнал црква посветена на првомаченикот.

И во црковните песни и проповеди Св. Стефан се нарекува: прв, врв на мачеништвото, почеток на мачеништвото, прв во маченичката фаланга, итн.

Народот Свети Стефан го празнува на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од прзникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.

Тропар

Првомаченику Христов и апостолу, со добар подвиг си се подвизавал и си го изобличил безбоштвото на мачителите. Бидејќи со камења беше убиен од рацете на беззакониците, прими венец од Десницата што е во височините, а на Бога Му се молеше, извикувајќи: Господи, не замај им го ова за грев!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот