Дендиас: Која влада и да произлезе се надеваме на продолжување на соработката во сите области

Никос Дендиас / Фото: EPA-EFE/PETROS KARADJIAS/ POOL

Се надеваме на продолжување на соработката во сите области со која влада и да произлезе од внатрешните процеси во Македонија, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во интервјуто за весникот „Врадини”, а за Договорот од Преспа истакнува дека владите доаѓаат и си одат, но обврските остануваат, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што ги преземаат остануваат. Нова Демократија не гласаше за Договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин предупреди во грчкиот Парламент. Но, не криеше, како по изгласувањето на Договорот, така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе, истакна Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија објаснува дека на сите средби и во сите разговори со функционерите од Македонија, соговорниците покренувале две основни прашања: европската перспектива и како Грција може да помогне во оваа насока, како и зајакнување на билатералните врски во сите области, економија, инвестиции, енергија, транспорт и одбрана.

-Од моја страна ја повторив потребата за целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа. Но, истакнав и уште нешто. Нашата земја може, по предуслови, во иднина да стане најдобриот пријател на Македонија. Стабилноста и просперитетот на оваа земја е и во наш интерес. Впрочем, Грција нема никакви претензии од северниот сосед. Секако, немаме никаква причина да зборуваме за внатрешните работи на Македонија. Се надеваме на продолжување на соработката во сите области со која Влада и да произлезе од внатрешните процеси, вели Дендиас.

Во интервјуто, министерот за надворешни работи на Грција потенцира дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, а „европската перспектива и самиот пристапен процес е она што на земјите и народите од регионот ќе им обезбеди стабилност, економски развој, просперитет и демократски реформи”.

Уште еднаш го повторува ставот дека во регионот, освен европските, активни се и други сили „кои имаат за цел да го оддалечат Западен Балкан од Европа, нудејќи им наводна развојна помош, воена соработка, па дури и соработка во образованието”.

-Ги повикуваме, не само Македонија, туку и целиот Западен Балкан да останат посветени на нивниот европски курс и да им свртат грб на силите на изолација и дестабилизација. Исто така, ја повикуваме и ЕУ да ја одржи динамиката на процесот на проширување, за да не им дозволи на земјите од регионот да се вратат на нивното „балканско минато”, порача Дендиас во интервјуто за „Врадини”.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот