Дејтонскиот мировен договор 27 години подоцна: Иста мета, исто меѓуетничко растојание

Дејтонскиот мировен договор е потпишан на 21 ноември 1995 година

На 21 ноември 1995 година во гратчето Дејтон во сојузната американска држава Охајо, каде што се водеа преговорите меѓу лидерите на Босна и Херцеговина, на Србија и на Хрватска – Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман – е постигнат мировниот договор.

Договорот кој е општо познат како Дејтонски по местото каде што се одвиваа мировните преговори службено е потпишан во Париз, на 14 декември 1995 година.

27 години подоцна Дејтонскиот договор го има статусот на клучен инструмент за прекинувањето на воените судири во Босна и Херцеговина, за враќање на бегалците, прогон на осомничените воени злосторници и нивно судско процесуирање на Хашкиот трибунал, но не го прославуваат сите ентитети во БиХ. Денот на потпишувањето на Дејтонскиот договор е државен празник и неработен ден во Република Српска, но не и во Федерацијата БиХ: Босна и Херцеговина воопшто нема државен закон за празници.

Во БиХ три и пол години траеше крвопролевањето, загинаа 250.000 луѓе а повеќе од милион беа раселени. Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, под воен и дипломатски притисок од САД, почнаа преговори во американската воздухопловна база Рајт-Патерсон во Охајо, близу тоа фамозно гратче Дејтон.

Главниот посредник во преговорите беше американскиот дипломат и специјален пратеник Ричард Холбрук. Неговите „методи“ во креирањето на овој договор – но и Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, постигната истата таа 1995 година – го добија прекарот „булдожер дипломатија“.

Во американската воена база, меѓу експонатите на военото воздухопловство како старите бомбардери „Б-52“ и проектилите „томахок“, се преговараше 20 дена врз основа на мировниот план изработен од Контакт-групата, во која партиципираа и Русија, Британија, Франција, Германија и Италија.

Со овој договор БиХ беше поделена на ентитети на етничка основа: во Федерацијата БиХ беа вклучени бошњачката и хрватската заедница, на 51 отсто од територијата на земјата, а на преостанатите 49 отсто од територијата беше воспоставена Република Српска.

Анексите на договорот се потпишани само на англиски јазик.

Босна и Херцеговина го нема оригиналниот документ кој Алија Изетбеговиќ по потпишувањето го донел во Сараево: изгубен е некаде по „фиоките“ во Претседателството на БиХ. Неговото исчезнување го пријавил Жељко Комшиќ во февруари 2008 година тогашниот член на претседателството.

Каква држава е Босна и Херцеговина 27 години подоцна?

Веројатно мошне слична како и пред две години, кога беше одбележан „сребрениот јубилеј“, 25годишнината од Дејтонскиот договор.

Денес економијата е слаба, платите се ниски, јавните сервиси се неефикасни, градовите се загадени, младите и образованите масовно заминуваат на печалба, а доминантните политичари на трите етнички заедници се уште се повикуваат на војната во обид да ги задржат функциите… Босна најтешко е погодена од „егзодусот на мозоци“. Пред војната имаше 4,2 милиони жители, а денес има околу 3 милиони. Невработеноста на младите е огромна. Дури 80 отсто од младите родени по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор и денес живеат со родителите. На анкета спроведена во 2018 година, 87 отсто од младите истакнале дека не можат да најдат вработување без врски со лице на позиција, а 49 отсто планираат да бараат работа во странство… Пред војната секое трето семејство во Сараево и секое осмо во Босна беше етнички мешано, а во 2018 година имало само 3 отсто мешани бракови, се вели во анализата на „Слободен печат“ објавена на овој датум во 2020 година.

Дејтон е скроен за да не дозволи кој било ентитет да доминира во земјата, а неговите комплексни механизми им служат на националистичките политичари за да ги задржат позициите, без оглед што така го спречуваат и развојот. Поради тоа, сите го критикуваат Дејтонскиот мировен договор како застарен, но и се противат на негово реформирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот