Дебата во „Јуроп хаус“: Мајчиниот јазик е лична работа

Дебата „Заштита и промоција на мајчиниот јазик преку литературата“ во „Јуроп хаус“ Скопје

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во рамките на тематската активност „#CultureTalks“ на 22 февруари во „Јуроп хаус“ во Скопје се одржа дебатата „Заштита и промоција на мајчиниот јазик преку литературата“.

Дебатата насловена „Заштита и промоција на мајчиниот јазик преку литературата“, која се одржа 22 февруари во „Јуроп хаус“ во Скопје, како појдовна точка ги зема виталното значење на Денот на мајчиниот јазик во промоцијата и заштитата на сите јазици, но истовремено и во подигнувањето на свеста за лингвистичката и културната разноликост.

Панелисти на дебатата беа амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Петар Андоновски, македонски писател и лауреат на Европската награда за литература, и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик. Дебатата ја модерираше новинарката Ана Зафирова.

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прозорците на „Јуроп хаус“ во Скопје беа брендирани со наслови од 420 романи преведени на македонски јазик од европската литература преку програмата „Креативна Европа“, додека во чест на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов како мото на дебатата беше употребен насловот на неговата стихозбирка „Раѓање на зборот“.

Мајчиниот јазик како дел од културниот идентитет на луѓето, точка на препознавање, разноликост, но и толеранција и разбирање беше појдовната порака на амбасадорот Дејвид Гир. Тој истакна дека негов мајчин јазик е англискиот и дека кон него има лична поврзаност. Од друга страна, секој народ кон мајчиниот јазик има и колективна поврзаност, бидејќи преку јазикот ги дефинираат своите потекло и припадност.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска посочи повеќе форми на системска заштита на мајчиниот јазик и јазичното богатство преку дигитализацијата – како одговор на модерните времиња, преку издаваштвото и преку негување на оставнината на кодификаторите на јазикот, а како пример ја спомна 120-годишнината од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.

– Секојдневно работиме на чување и збогатување на мајчиниот јазик, а за тоа огромно значење имаат и Струшките вечери на поезијата, Семинарот за македонски јазик, литература и култура, како и поддршката што Министерството за култура ја дава во издавачката дејност. Годинава се поддржани 500-тини наслови и близу 40 манифестации во оваа дејност – посочи Бисера Костадиновска Стојчевска.

Професорката Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека кога говориме за македонскиот јазик, не треба да се осврнуваме само на актуелниот миг и за времето што следи, туку и да се навратиме на времето наназад, затоа што и пред кодификацијата на македонскиот јазик, тој се развива како мајчин и како народен јазик, а книжевноста е конкретно сведоштво за тоа.

– Македонски автори на денешницата, создавајќи на мајчин, македонски јазик постануваат и европски автори. Македонската книжевност има многу што да ѝ овозможи на културата на ЕУ – рече Весна Мојсова-Чепишевска.

Писателот Петар Андоновски истакна дека грижата за јазикот не може да падне врз поединци, а како системско решение предложи да се формира Агенција за книга. Лекторот Дејан Василевски посочи на конкретни примери од секојдневната употреба на јазикот каде е загрозено неговото опстојување, а најчесто тоа се случува на социјалните медиуми и во некои интернет-портали кои работат без лектор во својата редакција.

Тој ја објасни разликата помеѓу стандардниот јазик, кој е во секојдневна употреба, и литературниот јазик, кој е верификуван во Речникот на македонски јазик, но и забележа дека Толковниот речник на македонскиот јазик не е дополнет од 2006 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот