Даночната реформа не се однесува на регистрираните занаетчии

Даночната реформа не се однесува на фирмите кои се регистрирани како занаетчии, освен оние кои се водат како ДООЕЛ, посочи Горан Ристовски, претседател на Занаетчиската комора на Скопје. Тој ги повика сите кои водат вакви мали бизниси да се регистрираат како занаетчии во нивниот регистар. Измените во Законот за данок на добивка, според кои, бизнисите со вкупен приход до 6 милиони денари сега ќе бираат – или ќе плаќаат 10 отсто данок на добивка или пак 1 отсто на вкупниот приход, деновиве предизвикаа лавина реакции.

Занаетчиите, коментираа дека Владата, дополнително им го загрозува опстанокот, наместо да се удри по сивата економија и да се прибере прометот кој циркулира по црните канали. Досега фирмите кои остваруваа годишен промет до 3 милиони евра (50.000 евра) со членот 32 од Законот за данок на добивка беа ослободени од даноци. Според предложените измени на законот овој член се брише.

-Цвеќарите, фризерите, козметичарите и сите останати кои се регистрирани како занаетчии нема да потпаднат под оваа реформа, за разлика од оние кои се регистрирани во други форми, како на пример ДООЕЛ – објасни Ристовски.

За потсетување, Министерството за финансии, кое е предлагач на измените,  измената ја оправда со „проширување на базата на оданочување, како и отстранување на стимулациите за формирање на голем број субјекти на непазарна основа и воспоставување на неутрален даночен систем, кој нема да влијае врз одлуките на стопанските субјекти во поглед на формата на инкорпорирање“.

Според пресметките на ресорот, со „спроведувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка ќе има позитивни фискални ефекти врз Буџетот во износ од околу 872 милиони денари (14,2 милиони евра)“.

Обиди за оданочување на правни субјекти кои имаат годишен приход помал од 50 илјади евра, имаше и во изминатите децении, но најчесто не се остварија.

Инаку, занаетчиите беа најпогодени од пандемијата, а годинава се соочија и со економско-енергетска криза.

-Имаше затворање на фирми, но радува фактот дека се регистрираат нови. Како и целата индустрија и ние се соочуваме со одлив на стручни кадри и се надеваме дека Владата ќе помогне занаетчиите да бидат ценети во општеството. Многу ни помогна мерката со која за дел од нашите членки беше симнат прагот на ДДВ од 18 на 5 проценти, а очекуваме со новиот буџет на Министерството за економија да има повеќе средства за поголема поддршка – поентираше Ристовски.

Претходно и министерот за економија Крешник Бектеши, честитајќи го јубилејот „Деведесет години Занаетчиска комора Скопје”, порача дека Владата ќе продолжи со поддршката за овој сектор. Занаетчиска комора Скопје е основана во далечната 1932 година и има значајно место во економското подигање на занаетчиството во изминатиот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот