Дали на трговците ќе им треба нов софтвер за да ги бројат продадените ќеси?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Трговците со нови маки, екологистите половично задоволни, а производителите револтирани – ваква е ситуацијата на терен, на неполн месец пред почетокот на забраната за употреба на пластични ќеси во трговијата и цената од 15 денари за биоразградливите. Новата дилема со која се соочуваат трговците е – како ќе ги бројат продадените биоразградливи ќеси, за потоа сумата од продажбата да ја уплаќаат во корист на државата? Особено за маалските дуќани е спорно дали треба да набават нова програма за да ги приспособат фискалните каси, бидејќи ако остане владината одлука ќесите од 1 декември да ги наплатуваат по 15 денари, тие ќе треба да прават пресметка меѓу набавната и продажната цена и да водат посебна евиденција.

– Дали ќе ни треба нов софтвер, никој ништо не кажува. Само читаме по медиумите дека ќесите ќе треба да ги продаваме по 15 денари. Дали ќе остане оваа цена, бидејќи се шират разни муабети дека може да биде и поскапа? Се сложуваме дека е потребно да се мисли на екологијата, ама потребни ни се јасни инструкции зашто вака законите стануваат неприменливи – велат дел од малите трговци што ги консултираше „Слободен печат“.

Според законот, трговците се должни да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени ќеси, која треба да ја доставуваат до стручниот орган. Вкупната сума добиена од надоместокот од продадените ќеси, трговците треба да ја пренесуваат на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина. Дополнително, со него се забранува и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјава. За екологистите, пак, тоа што парите што ќе се користат за купување ќеси ќе завршуваат на посебна сметка на Министерството за животна средина е начелно добро решение, но мора да има гаранции и отчетност тие средства, а не да се пренаменуваат за други цели.

 Јуриш по платнени торби и колички

Како и секогаш, најголемиот цех од приспособувањето на новите еколошки стандарди ќе падне врз грбот на потрошувачите, кои ќе мора да набават платнени торби или колички за пазарење. „Слободен печат“ веќе пишуваше дека освен поскапите биоразградливи ќеси, трговците ќе мора да понудат алтернативни пакувања, но нема решение за оние ќеси што се наоѓаат на одделенијата за овошје и зеленчук, а особено на пазарите.

Дел од трговците почнаа да нудат специјални торби за повеќенаменско пазарење по цени од 39 до 100 денари. На билборди се рекламира продажба на печатени платнени торби по цена на големо од 99 денари, а количките на тркалца се од 500 до 600 денари.

Вистинските биоразградливи ќеси се прават од пченкарен и компиров скроб

Биоразградливите ќеси ќе треба да бидат произведени според пропишани стандарди, предвидува Законот за управување со пакување и отпад од пакување, кој го донесе Собранието. Но, српските експерти тврдат дека на тамошниот пазар како и во повеќето европски земји не постојат биоразградливи ќеси, туку дека се изработуваат во само неколку европски фабрики и се направени од скроб од пченка и компир, така што под дејство на микроорганизмите во одредени услови тие може да се разградат на ЦО2, вода и биомаса, која се враќа во земјата, односно на соединенија што не го загрозуваат екосистемот.

Според Бранка Пилиќ, професорка на Технолошкиот факултет во Нови Сад, ќесите кои кај нас се појавуваат со знакот на „биоразградливост“, дури и со додавката „100 процентно“, всушност настанале така што на постојните ќеси им се додаваат адитиви за полесно да се разградат, пишува порталот „Данас.рс“.

Производителите немале време да се приспособат!

Во Македонија има 28 производители на пластични ќеси, а во нив работат 550 лица. Тие стравуваат дека ќе останат без работа, бидејќи не можат да ги исполнат бараните стандарди за толку кратко време. Производителот Зуркани Јусуфи, неодамна за медиумите изјави дека државата им дала само два месеца. Тој рече дека не се подготвени за производство на био ќеси, а времето на адаптација ќе трае долго.

Од Министерството за екологија, пак, се децидни компаниите имале доволно време да се приспособат бидејќи законите се донесени навреме и со многу консултации. 

Од Иницијативата „Стоп за пластични ќеси“ објавија дека 5 илјади тони пластични ќеси се произведени во Македонија во 2019 година, или по 14 тони пластични ќеси дневно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот