Дали Американците ги разликуваат вистинските од лажните вести?

Многу Американци веруваат дека редовно се изложени на дезинформации на интернет, а повеќето веруваат дека можат да препознаат вистински вести од лажни. Сепак, довербата на Американците во нивната способност да забележат лажни вести не е секогаш основана во реалноста

На учесниците во анкетата им бил претставен сет од 20 наслови – 10 вистинити и 10 лажни, и се покажа дека правилно го класифицираат насловот како вистинит или лажен во околу две третини од вестите. Просечниот број на правилно класифицирани наслови е 13 од 20, со слична точност за вистинити и лажни наслови; просекот за секој сет е околу 7 од 10.

Лажниот наслов кој повеќето Американци го идентификуваа како точен е следниот: „Републиканците со поделени ставови за однесувањето на Трамп, демократите во голема мера критични “.

Вистинскиот наслов, кој Американците го означија како лажен во најголема мера, беше: „Ставовите кон ЕУ воглавно позитивни, и во Европа и надвор од неа“. Додека 61 отсто од Американците правилно го идентификуваат овој наслов како вистинит, 39 отсто погрешно велат дека е лажен.

Кога станува збор за лажни наслови генерирани од вештачка интелигенција дизајнирани да прикажуваат вообичаени техники за дезинформација, Американците погрешно класифицираат два наслови кои се фокусираат на недовербата во владата: „Владините службеници манипулираа со цените на акциите за да сокријат скандали“ и „Владата манипулира со јавната перцепција за генетскиот инженеринг за да ги натера луѓето повеќе да прифаќаат такви техники“.

Нешто помалку од половина, 46 отсто од Американците, погрешно велат дека е точен насловот „Владините претставници манипулирале со цените на акциите за да сокријат скандали“.

Републиканците се поподложни на дезинформации од демократите

Сенат на Соединетите Американски Држави / EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Постои значајна врска помеѓу партиската пристрасност и подложноста на дезинформации. Републиканците поминаа полошо на тестот за дезинформации од демократите и луѓето кои не поддржуваат ниту републиканци ниту демократи. На тестот слично поминаа и демократите и независните.

Една третина од демократите и 28 отсто од независните се во групата со највисоки резултати, во споредба со 14 отсто од републиканците. Постојат неколку лажни наслови кои ги измамија повеќето републиканци.

„Владата манипулира со јавната перцепција за генетскиот инженеринг за да ги натера луѓето повеќе да ги прифаќаат таквите техники“ – 60 проценти од републиканците погрешно ja означија како вистинска вест. Потоа „Нова студија: левичарите е поверојатно да лажат за да добијат повисоки плати“ – 56 проценти од републиканците погрешно ја означија како реална. Левичарскиот екстремизам на светот му нанесува повеќе штета отколку тероризмот, се вели во Извештајот на ОН“ – 54 отсто од републиканците.

Помалку од 40 проценти од демократите погрешно го означуваат секој од овие три наслови како точни.

Се покажа дека демократите и републиканците е поверојатно да ги означат како точни оние наслови што ги зајакнуваат позитивните чувства за нивната партија или негативните ставови за спротивната партија – без разлика дали насловите се навистина вистинити или лажни.

На пример, дури 82 отсто од републиканците, во споредба со 67 отсто од демократите, го означиле како точен насловот: „Експертите за меѓународни односи и американската јавност се согласуваат: Америка е помалку почитувана на глобално ниво“, бидејќи таквиот наслов имплицира негативен поглед на актуелниот американски претседател, демократот Џозеф Бајден.

Насловот е од 2018 година кога Доналд Трамп беше претседател, но на испитаниците не им бил даден датумот на објавување на насловот.

Од друга страна, 80 отсто од демократите, во споредба со 68 отсто од републиканците, заокружиле дека е точен насловот: „Демократите повеќе од републиканците ги поддржуваат федералните трошоци за научни истражувања“.

Читателите на Асошиејтед прес се најдобри во идентификувањето вестите

ЈуГов ја истражувала врската помеѓу изворите на вести и способноста на испитаниците да забележат лажни наслови. Истажувачката фирма на испитаниците им покажа 56 извори на вести во четири категории: емитување, печат, дигитални и социјални медиуми, за да кажат кој извор на вести го користеле во изминатиот месец. Повеќето Американци, 85 отсто, користат повеќе од еден извор на вести.

Американците кои велат дека читаат вести од новинската агенција Асошиејтед прес (AP) се најдобри во идентификувањето на насловите.

Испитаниците кои се информираат од Националното јавно радио, Аксиос (Axios), Хаф пост (HuffPost) и ПиБиЕс (PBS) исто така покажале изразена способност да откријат дали вестите се лажни или вистинити. Корисниците на вести од МСНБЦ (MSNBC), Хил (The Hill), Ројтерс (Reuters), Политико (Politico) и Вашингтон пост (Washington Post), исто така поминаа релативно добро на тестот.

Најлошо поминаа оние кои добиваат информации на социјалните мрежи, како што се Воцап (WhatsApp), Трут соушл (Truth Social), Снепчет (Snapchat) и ТикТок (TikTok). Корисниците на неколку десно ориентирани медиумски куќи, вклучително и кабелските ТВ станици ОАН (One America News – OAN) и Њузмакс (Newsmax), исто така поминаа многу лошо на тестот.

Повеќето Американци сметаат секојдневно дека се изложени на лажни вести

 EPA-EFE/TANNEN MAURY

Мнозинството Американци, 53 отсто, велат дека секојдневно на интернет гледаат содржини за кои мислат дека се лажни или лажнонаведувачки. Седум од 10 возрасни, или 71 процент, веруваат дека се изложени на дезинформации најмалку еднаш неделно.

Поверојатно е дека постарите Американци во однос на другите, веруваат дека секојдневно на интернет им се прикажуваат лаги. Две третини од испитаниците на возраст над 65 години велат дека гледаат дезинформации секој ден, во споредба со 37 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 30 години.

Три четвртини од Американците, 75 отсто, се многу уверени или донекаде уверени во својата способност да разликуваат вистински од лажни вести. Испитаниците кои се многу или донекаде уверени дека можат да разликуваат вистински од лажни вести постигнале подобри резултати на тестот во споредба со оние кои не се многу сигурни или воопшто не се сигурни.

Тројца од 10 луѓе кои се уверени дека можат да препознаат лажни вести спаѓаат во категоријата со највисоки резултати, во споредба со 12 проценти од луѓето кои се помалку сигурни.

Американците помлади од 45 години се помалку вешти во забележувањето лажни вести

Американците во возрасната група од 18 до 45 години на тестот за дезинформации постигнале полоши резултати од постарите Американци. Во просек постигнале од 12 од 20 поени, во споредба со 15-те поени што ги освоиле повозрасните.

Истражувањето покажа дека луѓето помлади од 45 години е поверојатно да се сомневаат дека има дезинформации онаму каде што ги нема, и дека воопшто помалку веруваат во насловите на вестите споредено со луѓето постари од 45 години. На пример, вистинитиот наслов „Хајат ќе ги отстрани малите шишиња од хотелските бањи“ беше оценет како точен од само 55 отсто од луѓето на возраст од 18 до 44 години, во споредба со 72 отсто од Американците постари од 45 години. Има уште една причина зошто Американците помлади од 45 години, кои претежно се дигитално писмени, постигнаа полоши резултати од постарите што учествуваа во овој тест за дезинформации.

Факт е дека луѓето помлади од 45 години поминуваат повеќе време на интернет од луѓето што имаат 45 и повеќе години, а времето што го поминуваме на интернет е тесно поврзано со нашата подложност на дезинформации.

Само 23 проценти од Американците на возраст од 18 до 44 години навеле дека поминуваат два или помалку часа рекреативно време на интернет секој ден, во споредба со 44 проценти од оние на 45-годишна возраст и постарите. Други поминуваат повеќе време на интернет. Покрај тоа што поминуваат повеќе време на интернет, луѓето од 18-45 години во поголема мера ги користат социјалните мрежи како извор на вести. Истражувањата покажаа дека луѓето кои ги користат социјалните медиуми како извор на вести не се толку добри на тестот за дезинформации.

Извор: Demostat

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот