Црни руски пари завршиле во македонската опозиција?

ВМРО штаб / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Со странски пари биле финансирани партии од македонскиот опозициски блок и некои албански партии во обидот заеднички да ја урнат владата на премиерот Зоран Заев, евидентирале македонските безбедносни служби. За постоење црни пари во кампањата за локалните избори, проговори и Заев на прес-конференцијата на која објави дека поднесува оставка и од премиерската и од лидерската во СДСМ.

– На овие избори на терен беа видливи многу пари на терен, кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и економски причини. Дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред сè газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите – рече премиерот Заев.

Има две сценарија од каде и како доаѓале парите. Според првото, „инвестициите“ доаѓале од Русија, и тоа сценарио се реализирало преку македонски бизнисмени, блиски на опозициските партии, кои градат објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Карпош, Ѓорче и во други места во Македонија. „Перењето“ пари се организирало со сопственици на новите згради, кои се јавувале и како финансиери на кампањата на опозициски кандидати за градоначалници. Според второто сценарио, финансиите доаѓале од Чешка и од Словачка. Бизнисмени од овие земји поддржале една албанска партија во Македонија.

„Тајната служба ги документира сите овие движења“, изјави висок функционер на македонската тајна служба. Засега Јавното обвинителство нема отворено предмет по допрен глас, во случајов, по изјавата на премиерот Заев. Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека се чека лицето што тоа го изјавило, доколку смета дека има докази, самото да дојде во ОЈО и врз база на доказите да пријави случај за наводно незаконско финансирање партија.

– Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на сторено кривично дело. Во исто време, секој што поседува сознанија за сторени кривични дела, има обврска да ги пријави до надлежните органи и да приложи соодветни докази – велат од Обвинителството.

Од Антикорупциската комисија најавуваат извештај за тоа кој сè бил донатор на партиите, но велат дека евентуалните злоупотреби треба да се пријават.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „станува збор за брутална лага, која произлегува од очајот на Зоран Заев“.

Од СДСМ сè уште нема детали за тоа какви пари дошле однадвор, кои домашни бизнисмени и за какви цели ги дале на опозицијата, но и дали пријавиле до надлежните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот