Чудото од Ханеда: Студена крв спаси стотици души од пеколен авион

Ако задоцнеле само неколку минути, многумина патници ќе загинеле - Фотографија Profimedia

Додека се истражува како било можно два авиона да се судрат на пистата, се спроведува и темелна истрага како воопшто било возможно во толку кратко време, за дваесетина минути, да се извлечат безбедно сите патници од авион што веќе горел, без притоа да има посериозни повреди

На десетици пожарникари им биле потребни шест часа да го изгаснат патничкиот авион што гореше на пистата на токискиот аеродром Ханеда.

На 12 члена на екипажот им биле потребни помалку од 20 минути да ги извлечат сите 367 патници живи и здрави од кабината што веќе била зафатена од пламен.

Додека се истражува како било можно два авиона да се судрат на пистата, се спроведува и темелна истрага како воопшто било возможно во толку кратко време, за дваесетина минути, да се извлечат безбедно сите патници од авион што веќе горел, без притоа да има посериозни повреди.

Пилотот на патничкиот авион „ербас А350“ добил дозвола за слетување додека на пистата сѐ уште бил авионот на крајбрежната стража „бомбардие ДХЦ8-300“, кој требало да однесе храна за настраданите од земјотресот што го погоди западниот брег на Јапонија. „Ербасот“ при слетувањето удрил во помалиот „бомбардие“, убивајќи петмина од шестемина членови на екипажот, и веднаш се запалил.

Во овој момент човечката грешка преоѓа во човечко херојство. Пилотот на „ербасот“ успеал, со мотор во пламен и со оштетени тркала, да го скроти огромниот авион и да го запре со клунот на пистата. Спасувањето на патниците всушност почнало уште кога авионот се влечел по пистата. Без електронски разглас, кој откажал послушност, стјуартите преку мегафон им порачале на патниците да се спремат за брза евакуација. Тие всушност им ги повториле упатствата што задолжително се емитуваат при секој лет и на кои ретко кој внимава. Клучни за успешната евакуација биле неколку фактори. Секој член на екипажот се придржувал строго до процедурите, но и со присебното однесување, дури и со тонот на гласот придонесол да не се создаде хаос меѓу патниците, која може да биде погубна. Патниците едноставно се спасиле зашто биле неверојатно дисциплинирани, не дозволиле паниката, која е сосема очекувана за авион во пламен, да прерасне во метеж, турканица и хаос. Кога стјуартите порачале никој да не го граба рачниот багаж, никој не посегнал по него. Кога биле отворени излезите и биле спушени лизгалките за евакуација, никој не се туркал да оди преку ред.

– Десетина минути откако се извлековме се слушна експлозија. Можам само да кажам дека ова беше чудо. Ако задоцневме сите ќе загиневме – изјавил Цубаса Савада, кој со авионот се враќал од Хокаидо во Токио, заедно со девојката.

Култура на безбедност

Истражителите внимателно ќе ги разгледуваат и снимките што ги направиле патниците во критичните дваесетина минути, за да се утврди што уште може да се направи за да се засили безбедноста.

Пожарникарите попусто го гаселе огнот, авионот е пеплосан – Фотографија ЕПА

Додека авионот уште се движел патниците во затемнетата кабина забележале дека еден мотор е во пламен. Стјуартите близу до клунот побарале од патниците да не се одврзуваат и да останат седнати, благодарејќи им за соработката. Кога авионот запрел, излезите биле отворени и лизгалките биле надувани уште пред да пристигнат противпожарните возила.  Патниците се движеле без застој кон најблиските излези и сите 367 веќе биле на пистата за помалку од 20 минути.

– Чудо е како сите патници излегоа толку брзо. Тоа секако е извонреден успех на екипажот – забележа Пол Хејс, директор за воздухопловна безбедност на британска компанија.

Пилотот Џон Кокс, основач на американска консултантска група за воздухопловна безбедност, укажува дека евакуацијата е плод на одлична обука на екипажот.

– На снмиките се гледа дека никој не посега по багажот. Сите се концентрираат како брзо да излезат од авионот – забележува Кокс.

Стјуартите на „Џапан ерлајнс“ веројатно поминуваат низ построга обука, зашто оваа компанија е одговорна за несреќата на еден авион со најмногу жртви во историјата на цивилното воздухопловство. На 12 август 1985 година „џамбо џет“ на „Џапан ерлајнс“ на лет од Токио кон Осака удри во планина, при што од 524 патници и членови на екипажот живи останаа само четворица. Истрагата покажа дека причината за несреќата била лоша поправка на опашката на „боингот“ и дека и пилотите и членовите на екипажот се однесувале максимално професионално, но команијата сепак, ги заостри критериумите и мерките, за да ја зајакне уште повеќе безбедноста и да ја исчисти дамката. Остатоци од кабината и од седиштата од „џамбото“ се изложени во работните простории за да се потсетуваат вработените постојано за цената на почитувањето на правилата и процедурите. По оваа трагедија, „Џапан ерлајнс“ редовно е меѓу најбезбедните авиокомпании на глобалните рангирања. Оваа култура се прошири и врз другите авиокомпании во Јапонија.

– „Џапан ерлајнс“ е светски лидер во безбедноста. Јапонија има феноменален рекорд во безбедноста на транспортот – изјави за Би-би-си професорот Греем Брајтвајт, директор за транспортни системи на универзитетот Кренфилд.

Животите помили од багажот

На безбедна евакуација на патниците почна да се посветува поголемо внимание од пред четириесетина години, откако во 1980 година од труење со чад загинаа сите 301 патник во авион на „Сауди ервејз“, иако авионот безбедно слета на пистата во Ријад. Во 1985 година „боинг 737“ на компанијата „Бритиш ертурс“ се запали на аеродромот во Манчестер, при што загинаа 55 патници. Истрагата покажала дека главна причина за смртните случаи било вдишувањето на чад, што можело да се надмине со побрзо отворање на стандардните и итните излези.

Истрага во САД спроведена во 2000 година покажала дека просечно на секои 11 дена има потреба за итна евакуација на патници од авион. Ваквите инциденти, во кои нема жртви и повредени, обично не привлекуваат внимание по медиумите, но се тревога за инженерите и за експертите како да направат поефикасни механизми за отворање на вратите, за осветлување на патеката до излезите и за спуштање на лизгалки. Во тоа време почнало и задолжителното информирање на патниците, при секој лет, за правилно однесување во вонредни ситуации, за забележување на најблискиот излез или за активирање и користење на елекот за спасување при вонредно спуштање на вода. Анализи на однесување на патниците во вонредни ситуации ги поттикнало експертите за воздухопловна безбедност да се посвети поголемо внимание на барањето патниците да не се грабаат за рачниот багаж, бидејќи тоа се покажало како генератор на турканици и хаос.

При несреќата на авионот на „ЏАЛ“ во 1985 година загинале 520 патници – Фотографија Profimedia

Во 2016 година на аматерска снимка се гледа како патници што се грабале за рачниот багаж ја блокирале централната патека во авион на „Емирејтс“ на аеродромот во Дубаи додека низ кабината навлегувал чад. Наспроти метежот и хаосот, екипажот успеал да ги евакуира сите 300 патници без никој сериозно да се затруе од чад. Во 2019 година, пак, при сличен инцидент како оној во Ханеда, во авион на „Аерофлот“ што пламнал при слетување во Москва загинале 41 од вкупно 73 патници поради неефикасна евакуација.
Во 2018 година британското Кралско аеронаутичко друштво препорачало да се вгради систем што при итно слетување автоматски би ги заклучил кутиите за багаж над седиштата, за да се спречат патниците да се грабаат за багажот, блокирајќи им го излезот на сите околу себе.

– Напуштањето на кабината без грабање за багажот значително ја зголемува ефикасноста на евакуацијата, но тоа ретко се почитува. Чудо е како ги извлекоа сите од авионот (во Токио). Тоа говори многу за екипажот и за дисциплината во авинот – забележува Стив Кример, консултант за воздухопловна безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот