
Чешка е првиот ривал на Европското првенство – младинците бркаат влез во елитната „А“ дивизија
Денеска од 18.30 часот во СРЦ „Кале“ – Скопје македонската машка младинска кошаркарска репрезентација во првото коло од Европското првенство (дивизија „Б“) против Чешка.
Препорачано
Во нашата „А“ група од 13.30 часот се среќаваат Бугарија и Ирска, а на стартот слободна е селекцијата на Словачка.
Во групата „Б“ ќе играат Австрија, Унгарија, Луксембург, Португалија и Велика Британија, во групата „Ц“ Украина, Шведска, Грузија, Косово и Азербејџан и во групата „Д“ Летонија, Холандија, Швајцарија, Финска и Албанија.
Андреј Митревски со капитенската лента на дресот, ќе го предводи нашиот национален младински тим на овој шампионат. Секако во обид да се реализирата планираните цели кои се усмерени кон освојување на едно од првите три места кои водат во „А“ дивизијата од оваа возрасна конкуренција.
Со оглед на тоа што станува збор за репрезентација до 20 години, во нашиот тим има повеќе играчи кои веќе имаат и настапи во сениорската селекција, а со тоа и искуство на меѓународна сцена. Меѓу нив и Теодор Симиќ кој веќе три години е сениорски репрезентативец и еден од најголемите надежи на македонската кошарка. Играчот на Борац Бања Лука ги пренесува последните импресии пред стартот на шампионатот.
– Подготовките поминаа во најдобар ред, имавме еден месец да се подготвиме за она што следува. Одигравме и три натпревари и секој од нив беше различен. Сепак, покажавме карактер и потврдивме дека знаеме да играме како тим. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, добро се познаваме. Поврзани сме и играчите меѓу себе, како и со тренерите, а тоа е најважно за остварување добар резултат. Со малку среќа и поддршка од трибините, можеме да оствариме добар резултат. Би сакал публиката да биде наш шести играч, бидејќи тоа ќе ни значи на сите нас. Наши најголеми ривали за врвот се Чешка, Шведска и Финска во борбата за првите три места. Сепак, би сакал да одиме натпревар по натпревар, а потоа ќе мислиме на она што нè очекува на крајот – вели Симиќ.