Целосно ќе се ревидира казнената политика

Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

После 27 години се добива нов текст на Кривичниот законик со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните, најавил министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање на стручната расправа во Апелацискиот суд Штип, како прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациските подрачја.

Со новиот Кривичен законик, како што објаснил министерот, се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела кои отстапуваа од целите на казнената политика.

– Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик, можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат за цел отстранување на лоцираните слабости со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините кои се однесуваат на кривичните дела „тортура“ и „малтретирање во вршењето на службата“ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава – објаснил Тупанчески.

Министерот за правда посочил дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле разгледувани документите од Манивал. Во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик бил целосно усогласен со Протоколот на Обединетите нации. Значајно било и усогласувањето со Директивата на Европската унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.

– Изминатиов период, во јавноста се посебно актуелни случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело „екоцид“ и квантифицирање на дејствијата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување на мерливи параметри кои се однесуваат на загадувањето на животната средина – додал тој.

Процесот за донесување на новиот Кривичен законик е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелационите судови во Гостивар, Битола и Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот