Бустер доза и против бугарското вето

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Што треба сега да се направи за да сфатат бугарските преговарачи дека „тази дупка, не е дупка“, туку јама од која не само што не можат да излезат нивните националисти, туку внатре ги вовлекуваат и малкуте напредни сили што го бараат светлото за излез од тунелот?

Со бустер дозата на најистакнатите владини и државни раководители ништо очекувано не се случи во имунизацијата од коронавирусот, но и во надежта за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годината?! Придвижување кон целта се очекуваше со инаугурацијата на новата влада во Бугарија и изборот на лидерите на најголемите партии во земјава, но и тоа никакво добро не донесе?! Сепак, мора да се признае дека многуте случувања и обиди на „булдожер дипломатијата“, како никогаш досега ја доведоа Македонија пред портите на Унијата, меѓутоа и двоецот „харвардовци“ падна под влијание на досегашната политика на Бугарија и остана нечепнато ветото за попречување на преговорите со Европската Унија.

Нашиот министер за надворешни работи сѐ уште не се откажува од својот оптимизам, зашто, како вели, тој го видел „отворен златниот прозорец“ и очекува низ него да му го подадат клучот за отворање на преговорите?! Колку и да е надежно, ваквото очекување не е можно, зашто бугарската страна не може лесно да излезе од заблудата и од дупката што ја ископа нејзиното Собрание со утврдувањето некакви црвени линии со уцени за прифаќање бугарски корени и менување на вистината за нашиот јазик и потекло?! Во отстранувањето на ова привидение, сигурно нема да помогне нашата проактивност со понудата на „патоказ“ за решавање на проблемите, зашто и во него источниот сосед не ја гледа подготвеноста Македонија во целост да се подвргне на нивните небулозни и безумни барања, кои не само што не се во духот на европските вредности туку се и адвор од секаква памет и логика.

Што треба сега да се направи за да сфатат бугарските преговарачи дека „тази дупка, не е дупка“, туку јама од која не само што не можат да излезат нивните националисти, туку внатре ги вовлекуваат и малкуте напредни сили што го бараат светлото за излез од тунелот? Патоказот како последна шанса за отворање на преговорите е прифатливо решение доколку е заснован врз основа на Декларацијата за црвените линии во преговорите со Бугарија усвоена од македонското Собрание. За да ја увери јавноста дека навистина нема отстапувања од ваквата одлука, министерот Османи бегло ја објасни содржината на Патоказот заобиколувајќи ги чувствителните прашања околу јазикот и нашето потекло, на што Бугарите најмногу инсистираат да се прикаже дека сме нивни потомци?!

За волја на вистината, аспирациите и посегнувањата по нашата земја не се нови, ниту се од вчера, ниту од лани и полани. Понесен од чинот на прогласувањето на самостојноста на Република Македонија, пред триесет години нашиот прв претседател на државата Киро Глигоров навести дека продолжува борбата за чување на независноста, зашто Македонија е сѐ што имаме! Македонскиот великан Блаже Конески, пак, во неговото „Послание“ го овоплотува овој аманет и оди подалеку во искажувањето на чувството да се биде и доживотно да се остане Македонец. Всушност, тоа значи „свесно да се избере товарот на противречната, трагична македонска историја“. Македонија тој ја поистоветува со јазикот и во него ја гледа нашата идеална татковина со порака вековно и пеколно да го чуваме зборот и говорот! Дали нашите преговарачи со Бугарија со актуелниот патоказ и политиката на попуштање за отворање на вратите на Унијата навистина ќе го изберат или избегнат тој товар на нашата трагична историја, останува да се види наредниве денови?!

Сепак, додека трае неизвесноста и надежта Бугарија конечно да сфати дека треба да ги почитува и да ги практикува европските придобивки, им порачувам на нашите, но и на бугарските политичари да препрочитаат дел од „Посланието“ на Конески како указание за нивните постапки и донесувањето одлуки за постојот и опстојот на земјата  како единствена татковина на сите наши заедници, зашто ние заминуваме, а единствено таа (Македонија) останува:

„… Ние луѓето сме како тревана – ја газат, се суши, се задушува, гине, само земјата останува. Ние луѓето сме како мравине – ги гмечат, ги ништат, и пак се збрале купче. Одовде тргнал некогаш поход до Инд, кој можел да го предвиди тоа? По Via Egnatia Цицерон одел во прогонство во Солун… Оваа земја го крепела и Марка Кралета. И сепак, зар не доживеала таа униженија? Зар можело без тоа до зрелоста? Сето е предвидено – ние си одиме, а земјата останува“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот