Бугарското вето може да ги „распакува“ Македонија и Албанија

Ветото на Бугарија за преговорите на Македонија со Европската Унија може да се одрази на заедничкиот пристап на Брисел кон Македонија и Албанија, како земји што досега инсистираше да напредуваат кон членство во ЕУ во „пакет“.

Засега политичари и интелектуални кругови во Албанија не покажуваат знаци на нервоза поради одложувањето на меѓувладините конференции со двете земји, поради поставените услови од Софија кон Скопје, но прашање е колку долго таквата ситуација може да се толерира.

Албанскиот премиер Еди Рама неодамна во Брисел, каде што учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија, изјави дека Албанија е подготвена „да ја почека Северна Македонија“, за да не се разделуваат двете држави во процесот на интеграција. Според Рама идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политика.

– Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за да се постигне следниот чекор, бидејќи е комплицирана и ги разгорува страстите. Се надевам дека лидерите на Северна Македонија и на Бугарија сами ќе го решат овој спор и се надевам дека нема да очекуваат никакво магично стапче од Берлин, Лондон или од каде било, бидејќи тоа нема да се случи. Тие мора да најдат начин сами да постигнат договор – рече албанскиот премиер Рама.

Тој додаде дека минатото треба да им се препушти на академиците, на граѓанското општество и на експертите и изрази надеж дека нема да има раздвојување на Северна Македонија и на Албанија во евроинтеграцискиот процес.

Поранешниот министер за надворешни работи на Албанија Едмонд Панарити оценува дека желба на Брисел е Македонија и Албанија да одат заедно на своето евроатлантско патување, но, според него и покрај оваа желба, на Албанија ѝ треба уште многу работа за отворање преговори со ЕУ.

– И покрај фактот дека ова може да биде желба и цел на Брисел, не верувам дека двете земји одат како заеднички пакет на патот на европската интеграција. На Албанија сè уште и треба многу работа за да ги исполни условите за отворање на преговорите со ЕУ синтетизирани во 12-те услови поставени од германскиот парламент (Бундестаг). Априлските парламентарни избори ќе бидат клучни. Северна Македонија, од друга страна, не беше заложник под никакви услови од Брисел и ќе ги отпочнеше преговорите со ЕУ, но за жал беше казнета со бугарското вето за билатерални културни прашања. Северна Македонија повторно влезе во магичниот циклус на вето, што за волја на вистината не е новина за Балканот. Доволно е да се спомене искушението на застојот од Грција на патот кон ЕУ и НАТО од 1991 до 2019 година или застојот што Словенија ѝ го донесе на Хрватска во процесот на членство во ЕУ. Или блокадата што Хрватска ѝ ја направи на Србија во 2016 година по прашањето на малцинствата, или блокадата што Србија ја прави на меѓународното признавање на Косово – изјави Панарити за „Слободен печат“.

Од оваа причина, додава тој, ЕУ треба сериозно да ги сфати балканските блокади и ветото на земјите едни против други и да не ги третира надвор од критериумите за интеграција на земјите од регионот.

Од друга страна, аналитичарката од Тирана, Доријана Метолари,  добар познавач на евроатлантските случувања на Балканот, вели дека, ако кон Албанија и Северна Македонија, ЕУ гледа само како на проблеми, тогаш каква е одговорноста на Унијата пред земјите членки и пред нас? Според неа, ЕУ треба да најде решение за процесот на интеграција за Скопје и Тирана.

– Играта е поширока од тоа, бидејќи земјите од ЕУ мора да престанат со овој политички хир. Секоја земја со свои услови, штом се согласува Германија, не сака Франција. Потоа Холандија, па Бугарија. Ова не е игра, тоа се судбини на генерациите. ЕУ мора да стави крај на овој спектакл и навистина да ни подаде рака, ако навистина има намера да ни ја даде. Албанија и Македонија не се поделени, но ова не може да биде изговор да го отежни овој процес, ова треба да се сфати како двојна моќ и можност што има што да ѝ понуди на ЕУ – вели Метолари за „Слободен печат“.

Во меѓувреме, редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, што требаше да се одржи кон крајот на февруари, е откажан, но според еврокомесарот Оливер Вархељ, тоа нема никаква врска со каков било притисок од Бугарија.

Халили: Земјите треба да напредуваат според своите резултати

Поранешниот амбасадор Мухамед Халили смета дека Македонија и Албанија треба поединечно да се тркаат за влез во ЕУ.

– Од формална гледна точка, зачленување во ЕУ треба да оди според мерит-системот. Германија и Франција инсистираат во пакет да одат Македонија и Албанија. Во последно време Бугарите се залагаат Албанија да оди сама ако ги исполни условите. Комесарот Вархељ во последната негова изјава на оваа тема рече дека Албанија ги исполнува условите за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Сметам дека секоја земја треба да го трасира патот кон ЕУ според нејзините резултати – изјави Халили за „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот