Бугарија најави вето, Македонија очекува разговори

бујар османи
Бујар Османи, министер за надворешни работи/ Фото: Слободен печат

Министерот Бујар Османи најави дека во декември активно ќе се бараат решенија за спорот со Бугарија и смета дека и во тој краток рок може да се дојде до решение, но засега ниту македонското ниту бугарското МНР не ја закажуваат планираната средба на која требаше да се дискутира за „Патоказот пет плус еден“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека во текот на декември активно ќе се бараат решенија за спорот со Бугарија затоа што смета дека и во тој краток рок може да се дојде до решение. Но, ниту од македонското ниту од бугарското министерство за надворешни работи засега не ја закажуваат планираната средба која требаше да се одржи уште во текот на октомври за да се дискутира за „Патоказот пет плус еден“, во кој се содржани бугарските барања.

Овој состанок, според изјавите на Османи, прво беше одложен на барање на македонските власти поради локалните избори, а потоа уште еднаш одложен за втората половина на ноември, на барање на бугарската страна поради тамошните парламентарни и претседателски избори.

Во интервју за бугарската агенција БГНЕС, Османи порача дека добрите односи со Бугарија и европската перспектива за Северна Македонија се без алтернатива. Прашан што ќе направат властите во Скопје по повторениот став на Бугарија дека нема да го тргне ветото за преговорите за членство во ЕУ, Османи нагласи дека во следниот период активно ќе се бара решение по однос на политичките прашања.

– Како што знаете, Северна Македонија беше конструктивната страна за изнаоѓање решение. Во следниот период очекуваме кога ќе се формира владата во Бугарија да почнат разговорите. Сметам дека и во декември има добри шанси да се најде решение, бидејќи немаме алтернатива, освен добрососедски односи со Бугарија. Се надеваме дека оваа политичка стабилност во двете земји ќе даде резултат – рече Османи.

Бугарскиот државен врв деновиве го повтори ставот дека на состанокот на ЕУ на 14 декември, кој е последен самит во рамките на словенечкото претседателство со Унијата, нема да дозволат да се усвои преговарачката рамка за Македонија. Амбасадорот на Бугарија во ЕУ Румен Александров неодамна на состанокот на Советот за општи работи (ГАК) соопшти дека нашата земја „сè уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција“. Тој тогаш порача дека Република Северна Македонија треба да преземе конкретни обврзувачки ангажмани, од кои некои треба да се спроведат на краток рок, а останатите треба да бидат меѓу барањата во идната преговарачка рамка.

– Сè додека тоа не се случи, не може да се очекува напредок во процесот на проширување со Северна Македонија – порача Александров.

Бугарскиот претседател Румен Радев завчера во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи изразил очекување дека дијалогот на Софија со Скопје ќе доведе до конкретни резултати. Радев истакнал дека Бугарија е отворена за дијалог, поставила јасни прашања и очекува одговори и реални дејства од Република Северна Македонија. Шефот на бугарската држава смета и дека дневниот ред на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да биде подреден на надворешни влијанија, туку да се води отворено со ангажман од двете земји, што ќе го придвижува напред процесот на евроинтеграција на Северна Македонија. Според него, главен акцент во тој дијалог треба да биде „почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, трајно искоренување на јазикот на омразата и почитување на бугарската историја и културно наследство“.

Истовремено и техничкиот премиер Стефан Јанев порача дека политиката на Бугарија останува непроменета. Според него, Бугарија многу добро го соопштила својот став пред бугарското општество, но не и пред партнерите од ЕУ.

Македонскиот министер за правда Бојан Маричиќ на комесарот Вархељи, пак, му порачал дека одложувањето на почетокот на преговорите со ЕУ ќе има негативно влијание не само врз нашата земја, туку и врз целиот регион. Министерот е во работна посета на Брисел, од каде што преку профилот на Фејсбук соопшти дека на состаноците повторил дека сите реформи што беа побарани од нас како држава за почеток на преговорите се спроведени, вклучително и оние во правосудството.

Во Европската комисија Маричиќ одржал работен состанок и со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на кој му ги претставил реформите што во моментот ги прави Владата во однос на владеењето на правото.

„Се согласивме дека е потребно темпото на реформи да се задржи, а отворањето на преговорите со ЕУ ќе биде само дополнителен катализатор за нив“, напиша Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот