Брисел изготвува регулатива: Пионерски чекори на Европа за зауздување на вештачката интелигенција

Фотографија ЕПА, Стефани Лекок

Законот ги опфаќа сите производи и услуги што користат системи со вештачка интелигенција. Издвоени се четири категории на ризик, од „минимални“ до „неприфатливи“ во зависност од степенот на користење

Реагирајќи на глобалната технолошка револуција, индустриски најразвиените земји во светот се соочени со проблемот како да ги заштитат граѓаните и бизнисите од ризиците на вештачката интелигенција, а во исто време да не го попречат нејзиниот развој, кој практично и не можат да го запрат.

Конгресот на САД сослушува експерти за да објаснат какви се капацитетите и ризиците од вештачката интелигенција. Мошне е веројатно дека во Америка ќе надвладее ставот одговорноста за решавање на овој проблем да им се остави на водечките информатички компании, бидејќи тие најдобро се запознаени со предностите и ризиците. Во таа насока се толкува неодамнешната средба на потпретседателката Камала Харис со директори на големите компании и лаборатории што развиваат вештачка интелигенција.

Чекор понапред е Кина, во која, спротивно на САД, државата настојува да задржи целосна контрола врз бизнисот. На почетокот на април во Пекинг беше усогласен документ „Мерки за управување со генеративни сервиси со вештачка интелигенција“, во кој грубо се наведени насоки за регулирање на новата технологија. Нацртот им е претставен на водечките компјутерски компании и на експертите за да се изработи завршен документ што би бил прифатлив за државното раководство и кој би бил во склад со мерките за кибернетска безбедност, законите и постоечките регулативи.

Во прв план во Кина е „одбраната на социјалистичките вредности“

– Содржината генерирана со користење генеративна вештачка интелигенција, треба да ги рефлектира основните социјалистичкии вредности и не смее да содржи субверзија на државната моќ, соборување на социјалистичкиот систем, поттикнување сепаратизам, повредување на националното единство, пропагирање тероризам или екстремизам, ширење омраза или меѓуетничка нетрпеливост, насилство, неморал или сексуални информации, лажни информации, како и содржини што може да го нарушат економскиот или социјалниот ред – пишува во Членот 4 од нацрт-документот.

Бавно и темелно развивање

Најдалеку, сепак, исчекори Европската Унија, која иницијативата за регулирање на новата технологија ја почна пред две години, а пред една недела усвои нацрт-документ, со надеж дека ќе биде одобрен до крајот на идната година. Експертите во Брисел истакнуваат дека мора да се дејствува брзо за да се задржи чекорот со астрономски брзиот развој на сѐ помоќни системи со вештачка интелигенција што генерираат содржини, како Четџипити или Бард.
Законот ги опфаќа сите производи и услуги што користат системи со вештачка интелигенција. Издвоени се четири категории на ризик, од „минимални“ до „неприфатливи“ во зависност од намената. Поризичните апликации ќе мора да задоволат поостри критериуми – да бидат потранспарентни и да користат исклучиво проверени податоци.
Главната цел на ЕУ е од ризиците на новата технологија да се заштитат здравјето и безбедноста на луѓето, основните човекови права и вредности. Тоа значи дека ќе биде строго забрането користење вештачка интелигенција во системи за „социјално рангирање“ во кои се проценуваат корисници врз основа на нивното однесување, во кои може да се злоупотребуваат ранливи категории, вклучувајќи и малолетници, или на алатки што предвидуваат однесување, како на пример апликации што претпоставуваат дали ќе се случи криминално дело и кој би го извршил. Усогласено е и проширување на забраната на системи што препознаваат лица, како собирање податоци од случајни минувачи и складирање или споредување на нивните биометриски податоци во база на податоци. Исклучок ќе бидат одделенија со прецизно дефинирани задачи, како откривање и спречување терористички закани.

– Целта е да се избегне контрола на општеството со помош од вештачка интелигенција. Овие технологии може да бидат користени и за добро и за лошо, но сметаме дека ризиците се превисоки – изјави Брандо Бенифеј, ителијанскиот пратеник вклучен во изработката на нацрт-законот.
Во категоријата со висок ризик се вклучени и системите со вештачка интелигенција што се користат за образование и вработување, бидејќи се смета дека може да имаат големо влијание врз животот на ученици или луѓе што конкурираат за работно место. Во категориите со низок ризик претежно се видео-игри или филтри за блокирање несакани пораки.

Казни од милијарди евра

Во оригиналниот нацрт-документ на 108 страници речиси воопшто не се спомнуваат генераторите на содржини, како четботовите. Се предвидува тие да бидат „јасно обележани“ за да знаат корисниците дека имаат интеракција со машина. Додадени се одредби со кои Четџипити и сличните апликации се вклучени меѓу „системите за општа намена“, поради што ќе бидат спроведувани построги контроли. Вметнато е и барање за целосно документирање на сиот авторски материјал што бил користен при генерирањето текст, слика, музика или снимка. Авторите треба да бидат запознаени дека нивна творба се користела за генерирање нова содржина и треба да имаат право да побараат надоместок.
Иако заостануваат зад САД и Кина во развојот на новата технологија, со темелното регулирање и длабокото навлегување во проблематиката Европската Унија ги насочува водечките компании да изработуваат строго контролирани системи ако сакаат пристап на богатиот европски пазар со речиси половина милијарда корисници.

– Со поставувањето основи за користење вештачка интелигенција, Брисел настојува да развие пазар што би имал доверба од корисниците. Логиката е едноставна, ако можете да ги уверите луѓето да имаат доверба во апликациите со вештачка интелигенција, во исто време ќе ги поттикнете повеќе да ги користат. Со довербата и со поширокото користење се отклучува целосниот економски и социјален потенцијал на вештачката интелигенција – вели Јохан Ло, експерт од Институтот за интернет на Оксфорд.

Грубо се дефинирани и казните за непочитување на одредбите. Предвидени се пенали од 30 милиони евра па до 6 отсто од годишниот глобален приход за технолошки компании што ќе ги прекршат обврските. За гиганти како „Гугл“ или „Мајкрософт“ казните може да достигнат милијарди долари.

Проблемот е што до примената на законот може да поминат години. Тоа е предолг период ако се спореди со темпото на развојот на новите технологии, особено на вештачката интелигенција, која самата се надградува. Европратениците ќе гласаат за нацрт-законот на пленарна седница лон средината на јуни, шо што ќе почнат преговори меѓу членките, Европарламентот и Европската комисија. Во овој период се очекуваат многу дополнувања и промени. Конечната одлука се очекува најдоцна до крајот на 2024 година, а потоа ќе има и дополнителен период од веројатно две години, за да можат компаниите и организациите да се прилагодат на ограничувањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот