Банка на Силиконската долина СВБ / Фото EPA-EFE/GEORGE NIKITIN

Бранот на пропаста на Силиконската банка нема да ги заплисне македонските

Само 6,6 отсто од вкупните обврските на македонскиот банкарски систем се кон странство, а само 5 отсто од побарувањата се од странство, велат од НБРСМ, која внимателно ги следи случувањата по пропаѓањето на Банката на Силиконската Долина

Пропаѓањето на американската Банка на Силиконската Долина (СВБ) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, со оглед на малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните, соопшти Народна банка. Оттаму велат дека билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и банки, односно само 6,6 отсто од вкупните обврските на банкарскиот систем се кон странство, а само 5 отсто од побарувањата се од странство. Сепак, поради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања.

– Според процените на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни глобални преносни ефекти. Банкарскиот систем на САД е високо капитализиран, отпорен и работи на цврста основа, што во голема мера е резултат на реформите по глобалната финансиска криза, кои обезбедија подобри заштитни механизми за секторот. Во прилог на ова оди и брзата реакција и мерките на американските власти, со кои се минимизираат евентуалните системски ризици – децидни се од НБРСМ.

Од Централната банка уверуваат дека билансите на нашите банки се исклучително солидни.

– Важно е што нашиот банкарски систем има традиционален деловен модел, што е многу поразлично од деловниот модел на американската банка. Една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (учество од 60 отсто во вкупната актива на СВБ). Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84 отсто во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60 отсто во вкупните средства на банките и кои имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност што се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1 отсто – детализираат од НБРСМ.

Низ годините пропаднаа 11 домашни банки и штедилници

Повеќе од тринаесет години траеше враќањето на довербата на штедачите во домашниот банкарски систем, по првиот колапс на една банка (Македонска). Летото 2020 година следуваше нов потрес, по отворање на стечајот врз Еуростандард банка. Во изминативе децении вкупно пропаднаа 11 банки и штедилници во земјава, за кои Фондот за обесштетување, исплати 22,3 милиони евра. Фондот беше формиран во јануари 1997 година, а најголемиот дел од вкупно исплатената сума го искористија штедачите на Македонска банка. Меѓу позвучните пропаднати банки се Алмако банка во која пропаднаа 25 милиони евра државни средства и Радо банка, во која останаа заглавени 20 милиони евра од тајванските кредити и заштеди од 5 милиони евра. Уште еден банкарски бренд што пропадна беше Експорт-импорт банка, во која изгореа педесетина милиони евра. Последна во низата е Еуростандард банка, која ја следат контроверзии, штедачки протести и обвинувања – дали некој знаел, а навреме не сигнализирал дека нешто лошо се случува?

Банкарскиот сектор се состои од 13 банки и две штедилници, а по сите премрежија македонските граѓани продолжуваат да ги чуваат своите заштеди во банките. Лани, вкупните депозити пораснале за 4,9 отсто (само во декември растот бил 2,6 проценти). Според НБРСМ, во декември депозитите на домаќинствата се зголемиле за 2,7 отсто, а на годишно ниво граѓанските влогови се повисоки за 5,8 проценти.

Регионални технолошки компании чувале пари во СВБ

Круговите на стартап пазарот за грчки „Катимерини“ посочуваат дека најмалку 15 големи грчки технолошки компании (можеби и повеќе) имале депозити кај СВБ. Всушност, големината на депозитите на грчките стартапи може да достигне близу 100 милиони евра, а некои од нив успеале да ги повлечат или сите средства или дел од нив. Банките во Србија вршат строг надзор и граѓаните можат да бидат сигурни во банките што работат со дозвола на Народната банка на Србија (НБС), изјави претседателот на Александар Вучиќ по пропаѓањето на СВБ. Тој додаде дека Србија ќе се погрижи да нема проблеми, објави Политика.рс. Рок Зорко, партнер во словенечкиот ризичен капитал Силикон гарденс, вели дека американските регулатори одговориле правилно. Меѓу словенечките компании што редовно соработуваа со Силиконската Долина банка беше и Чиполо, која по првичното објавување на веста не можела ни да пристапи до банкарската сметка. Подоцна капиталот го префрлиле во Словенија, објасни извршниот директор и соосновач на компанијата Примож Зеленшек за Н1 Словенија.

Деновиве е во тек најголемото движење на депозитите забележано во последната деценија, бидејќи банкротот на три мали американски банки ги натера штедачите да брзаат со средствата кон американските банкарски гиганти. Како што објави „Фајненшл тајмс“, кадарот во Банката на Америка, Џеј Пи Морган Чејс, Ситигруп, Велс Фарго и другите американски банкарски гиганти се борат да се справат со барањата на оние што сакаат да ги забрзаат своите депозити.

Безбедноста на банкарскиот сектор во Европа во заднината на банкротот на американските банки ќе биде во центарот на вниманието на европските пратеници во Стразбур, пренесува „24Часа.бг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот