Брајан Адамс можеби старее, но музиката останува иста

Рокерите од минатиот век никогаш не престануваат да изненадуваат, а иако за многумина нивната музика е „веќе видено“, тие постојано наоѓаат начин преку своите песни да допрат до нас.

59-годишниот Брајан Адамс отсекогаш знаел да го прави тоа, преку емотивните балади и единствени хитови стана интимен со публиката, а сега и со албумот „Shine a light“, покажа дека тоа чувство и натаму не го загубил, напротив, сега клишето со годините и виното се повторува и во овој случај, па тој станува уште помоќен и повпечатлив на сцената.

„Shine a light“ е неговиот 14-ти студиски албум кој доаѓа по четиригодишна пауза, која следуваше по албумот „Get up“, кој канадскиот музичар го издаде во 2015 година. Новиот албум, издаден на 1 март годинава има 12 оригинални, нови песни, кои моментално се дел од актуелната светска турнеја „Shine a light“, преку која ги промовира песните ширум светот.

Сите овие песни и воедно магијата на целиот нов албум, ќе има прилика да ја почувствува и македонската публика, бидејќи за 13 ноември е закажан концертот на големата музичка икона во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Па, ако досега не сте го слушале албумот, вистинско време е тоа да почнете да го правите, бидејќи песните во него можат да послужат и како вистинско летно освежување.

Новата музичка авантура на Адамс почнува со нумерата „Shine a light“, како што е и насловен албумот, а уште на почетокот пејачот нѐ изненадува! Во прашање е соработката со Ед Ширан, бидејќи токму британскиот музичар е ко-автор на најголемиот хит од новиот албум и единствената нумера која барем засега си доби и видео запис.

Токму со помош на Ед Ширан, Брајан Адамс ни носи една инспиративна приказна за исполнување на сите соништа во животот, за притоа никогаш да не се заборават корените, таму каде што сѐ почнало.

Вeќе втората песна „That’s how strong our love is“ ни носи и уште едно големо изненадување! Станува збор за дует на Брајан Адамс и Џенифер Лопез. Овој несекојдневен спој нѐ враќа во времето на осумдесеттите години, донесувајќи ни ја во себе онаа романтична нота присутна речиси во сите најпознати песни на Канаѓанецот.

Џенифер Лопез овде совршено се вклопува во универзумот на Адамс, што за финален производ ни дава една балада полна со емоции, која зборува за една силна љубв која може да ги победи сите пречки и да надмине сѐ, без разлика на тоа што и стои на патот.

Преку следната песна „Part friday night, part sunday morning“, веќе влегуваме во еден малку побрз и пожив ритам, преку кој музичарот користејќи бројни метафори во текстот се обидува да обои портрет на жена која е „малку повеќе млада и одбива да остарее“.

„Driving under the influence of love“ е класична рок песна, која го носи во себе впечатливиот стил на Адамс, а притоа неодоливо потсетува и на „Summer of 69’“, еден од неговите најголеми хитови.

Ако некој ваш пријател ја пушти петтата песна од албумот „All or nothing“, или пак можеби ја слушате на радио, тогаш по првите десет секунди, пред да го слушнете харизматичниот глас на Адамс, ќе добиете впечаток дека почнува рокенрол „химната“, „Highway to hell“. Сепак, набргу сфаќате дека станува збор за сосема друго парче музика, кое можеби не е, ниту пак ќе биде толку претпознатливо како споменатата „Highway tо hell“, сепак сигурно е дека заслужува внимание.

Следната песна „No time for love“ е ретка анти-љубовна балада на Брајан Адамс, во која тој вели „премногу сум зафатен правејќи други планови за да мислам на љубов“.

Спортивно на тоа, следните три песни „I could get used to this“ (најкратката нумера од само минута и 49 секунди), „Talk to me“ и „The last night on earth“, ја реанимираат љубовта и сите емоционални превирања кои течат, како низ овој албум, така и низ целата кариера на славниот рокер.

Она што е интересно е тоа што албумот е правен по еден проверен рецепт, кој еден маестрален уметник како Брајан Адамс едноставно не смее и не може да го згреши. Па така, ако присуствувате на негов концерт во рамките на актуелната турнеја на која се пеат новите песни, а не ги знаете, вие нема да се чувствувате „загубено“. Нема да лутате во ритамот на песните, напротив сите тие ќе ви звучат познато и претпознатливо, едноставно само нема да можете да се досетите на нивното име, мислејќи дека станува збор за некоја стара песна која сте ја заборавиле, а всушност се работи за нов, свеж и добро спакуван материјал.

Како што имавме две изненадувања во првите две песни од новиот албум, веројатно она најинтересното и највозбудливото сепак ни доаѓа на крај, како „шлаг на тортата“.

Последните три нумери се „Nobody’s girl“, „Don’t look back“ и внимавајте сега – „Whiskey in the jar“ во изведба на Брајан Адамс!

Вистинската посластица за сите рокери доаѓа на крај. Познатата традиционална ирска фолк песна, која досега ја знаеме по најпознатите обработки на „Тин Лизи“ и „Металика“, добива уште една верзија која со сигурност ќе влезе во аналите на музиката.

Преку својот рапав глас, акустични гитари и хармоника, за прв пат ќе ја слушнете „Whiskey in the jar“ во едно поинакво светло.

Со тоа и завршува албумот „Shine a light“, со кој сигурно е дека Брајан Адамс ја задоволува својата фан база, но и му покажува на светот дека и покрај сѐ тој останува доследен на својата музика и не покажува никакви знаци дека некогаш ќе направи радикални отстапки од својот уникатен музички правец. Тој старее, но музиката останува непроменета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот