Брачен пар од Хатај раскажува за ужасот: По земјотресот скокнавме со ќеркичката од станот, спасивме дете кое соседот го фрли од прозорец

Фото: AA

Брачниот пар здравствени работници, кои со својата шестгодишна ќерка скокнаа низ прозорецот на нивната куќа во Хатај, која беше тешко оштетена во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во местото Пазарџик во турската област Кахраманмараш, на настраданите им подадоа рака на помош уште во првите минути од катастрофата, пишува Анадолија.

Бурак, 30-годишен медицински техничар во единицата на Итната медицинска помош, вработен во обласната Управа за здравство 112, неговата сопруга Недиме, исто така вработена во Итната медицинска помош и нивната шестгодишна ќерка Азра Јилдирим, земјотресот ги затекна додека спиеја во својот дом во градот Антакија.

Членовите на семејството кои скокнале од прозорецот на нивната куќа која се наоѓаше на првиот кат од тешко оштетената седумкатна зграда, веднаш по првичниот шок, притрчаа да им помогнат на луѓето во околината. Брачниот пар кој почнал веднаш да им укажува помош на настраданите, чувајќи ја ќерката покрај себе, придонесе да преживеат голем број луѓе.

Семејството, кое престојува во шаторот на мобилната болница поставена во градината на Болницата за обука и истражување на Хатај, во исто време им помага на повредените и се грижи за своето дете.

Бурак Јилдирим за Анадолија изјави дека ноќта кога се случи земјотресот се разбудиле од бучавата.

Раскажувајќи дека за разлика од она што претходно го доживеале во Малатија, овој пат се соочиле со многу пострашна катастрофа, Јилдирим продолжи со зборовите:

„Ја прегрнав ќерка ми и покажувајќи ѝ на сопругата, скокнав од прозорецот на нашата куќа кој гледа кон детското игралиште. Локалитетот во кој живееме се состои од четири згради. По потресот зградите беа меѓусебно испреплетени и јасно можеше да го видиме хаосот. Ние бевме првите кои ја напуштија зградата. Имаше луѓе кои врескаа, бегаа, викаа за помош, но во тој момент не можеш да помогнеш, сѐ уште ни себеси не си се спасил. Во тој момент нашиот сосед од првиот кат извика „Земете го моето дете!“ Мојата ќерка беше во моите раце, а во тој момент сопругата се врати. Нашиот сосед го фрли своето две и пол-тригодишно дете низ прозорецот во прегратките на мојата сопруга. Фала му на Бога, мојата сопруга го фати детето.“

Јилдирим рече дека откако се прибрал, заедно со сопругата отишле во станицата на Итната медицинска помош 112 во која работела неговата сопруга.

Зборувајќи дека контактирајќи со своите колеги од другите станици на Итната помош пронашле амбуланта, Јилдирим истакна:

„Заедно со сопругата почнавме да ги прегледуваме настраданите. Јас се грижев за нашето дете, а мојата сопруга ги прегледуваше повредените. Потоа таа ќе дојдеше да го земе детето, а јас ќе продолжев да ги прегледувам настраданите. Ова вака продолжи шест-седум дена. Совесно дадовме сѐ од себе, но не беше доволно, не можевме да стигнеме насекаде, вели Јилдирим “

Недиме Јилдирим нагласи дека продолжуваат да го преживуваат шокот од катастрофата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот