Борба за Берово: Алачки во Ромското маало, Пекевски вети инвестиции во атмосферска канализација

Алачки и Пекевски во трка за гласовите на беровчани/ Фото: МИА

 Натпартискиот кандидат за градоначалник на Берово од партијата Интегра, Горан Алачки, денеска оствари средба со граѓаните на ромското маало од Берово. На средбата, како што рече Алачки, низ разговор ја слушнал нивната вистина и големиот број проблеми со кои се соочуваат во нивното секојдневие. Оствари средба и со дел од членовите на Уска Кан, победниците на еден од најголемите светски фестивали „Гуча”.

– Господинот Усаин Кантуровски е легенда, светско музичко име. Јас како музичар ќе направам многу и моето име ќе го ставам на пиадестал и ќе ја бранам културата и уметноста пред сите овие светски имиња. Сите тие имиња ќе добијат посебен статус во општината, како наши амбасадори, ќе ја претставуваат општина Берово насекаде низ светот, меѓутоа официјално ќе добијат посебен статус и посебно место со пиетет, рече на средбата со граѓаните во Ромско маало во Берово, кажа Алачки.

На средбата со граѓаните, Алачки ја презентираше неговата програма во која, како што додаде, се содржани проекти кои ќе бидат насочени токму во културата и уметноста во Малешевијата, со посебен акцент на музичарите, а исто така и проекти во областа на туризмот во Берово каде има потенцијал да се развива и да биде препознатливо нашето место во светот.

– Горан Алачки е добредојден кај сите Роми, бидејќи сите го познаваат и поголем број музичари Роми соработуваат заедно со него. Чесноста и квалитетот го китат неговиот карактер. Треба да има промени, па затоа безрезервна поддршка даваме токму на Горан Алачки бидејќи е личноста која доаѓа од музичката уметност и знае како да ги реши проблемите, со кои што се соочуваат сите музичари и културни работници во Малешевијата, истакнаа дел од граѓаните на средбата.

Покрај Алачки кој на кандидатската листа за градоначалник на Берово е со број 20, Интегра на локалните избори во Берово настапува и со сопствена кандидатската листа.

Продолжуваме да градиме современа инфраструктура во градот, но и секое село. Кандидатот за градоначалник од коалицијата „Најдоброто за Берово” Звонко Пекевски продолжи со презентација на програмата, со која како што рече, ќе продолжат инвестициите во атмосферска канализација, реконструкција на улиците во општината, локалните и полски патишта, изградбата на велосипедски патеки, и поддршката на инфраструктурата неопходна за развој на алтернативниот туризам.

– Комуналната инфраструктура ќе остане во фокусот, а општините плански ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните градски претпријатија. Инфраструктурата е моторот на економскиот развој. Во изминативе четири години посебна грижа водевме за локалните патишта и инфраструктурата во општините. Преку Проектот за локални патишта, кој што е дел од тековната соработка со Светска банка и се спроведува преку Министерството за транспорт и врски, 70 милиони евра беа наменети да се распределат на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа, истакна Пекевски.

Додаде дека се што досега е изградено, е изградено за да се модернизира општината.

– Се фокусиравме на подобрување на општинската инфраструктура и преку проектот  „Водоснабдување и одведување отпадни води”, финансиран преку Европската инвестициска банка (ЕИБ), Светска банка, КфВ, ИПА и буџетски средства, а имплементиран преку Министерството за транспорт и врски. Со средства во вредност од 100 милони евра поддржани се сите општиниво државата за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици. Овој проект ќе продолжи и во иднина преку Министерството за животна средина, со дополнителен фонд средства за поддршка на унапредување на локалната инфраструктура. Овој и уште многу други проекти на централната власт се доказ повеќе дека работиме посветено за секоја една општина во нашата земја, додаде кандидатот за втор мандат.

Нагласи дека со заокружување на бројот 12 и поддршка на кандидатот за градоначалник и Советничката листа, граѓаните гласаат за секое населено место со водовод и канализација, за чиста наместо загадена вода, за хигиена наместо ѓубре.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот