Боки вели дека е болен, но Русковска тврди дека докторите напишале дека е здрав

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со задоцнување од 45 минути започна процесот „Рекет“, а судија во процесот е Васка Николовска – Масевска, додека застапник на обвинението е шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Бојан Јовановски е обвинет за примање награда за против законско влијание и за кривично дело перење пари. Зоран Милески е обвинет за примање награда за против законско влијание, додека Катица Јанева е обвинета за злоупотреба на службена положба и овластување.

– Добро е што во судница има голем број новинари, што ќе помогне навремено и реално да биде известена јавноста за процесот – изјави во уводниот збор судијката Николовска – Масевска.

Таа рече дека Боки 13 утринава имал здравствени проблеми, а затворскиот лекар напишал документ дека Јовановски не е свесен психички и физички да го прати процесот.

– Не се чувствувам добро. Состојбата не ми е добра и тешко ми е. Од утринава 10 пати блуев. На свое барање дојдов во суд за да ја искажам својата одбрана – рече Јовановски.

Неговиот адвокат Сашко Дуковски рече дека и тој инсистирал Боки 13 да дојде во судница, за да не се добие впечаток дека го одложуваат процесот.

– Тврдам дека препишана терапија не му се дава на мојот клиент. Вие проценете во каква состојба е – рече Дукоски.

Јованивски исто така потврди дека не му се дава соодветната препишана терапија.

Обвинителката Русковска рече дека лекарите во болница утврдиле дека Јовановски е во добра состојба и нема таков лекар кој ќе си ја ризикува лиценцата за да напише нешто невистинито.

Судот даде пауза од 20 минути за да ги утврди фактите, а за тоа време лекарска екипа која е присутна пред судот ќе го прегледа Јовановски по што ќе се одлучи дали денес ќе продолжи процесот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот