Бојкот на наставата во основното училиште „Његош“, Шаќири најави средба со родителите и решавање на проблемот

Јетон Шаќири - министер за образование и наука / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Родителите на учениците од општинското основно училиште „Његош“ во Колонија, Општина Гази Баба денеска ја бојкотираа наставата поради немање просторни услови и му порчаа на министерот за образование и наука Јетон Шаќири да се откаже од притисоците кои ги прави или настава во училиштето нема да има до крај на годината.

Министерот Шаќири изјави дека утре ќе се сретне со родителите и вели дека Просветниот инспекторат ја анализира состојбата.

Учениците Албанци во тоа училиште имаат настава до петто одделение и со години образованието од шесто до деветто мора да го продолжат во други општини. Нивните родители протестираат од почетокот на учебната година, а пред три дена бојкотираат и родителите на учениците на македонски наставен јазик кои не се согласуваат таму да се отвори паралелка за Албанци шестоодделенци. Пред училиштето порачаа дека нема можност за воведување нова паралелка. Според нив, министерот врши притисок и се подготвени, како што велат, настава да нема до крајот на учебната година.

– Три дена протестираат учениците на македонски јазик, а учениците на настава на албански јазик во истото училиште протестираат 26 дена. Се работи за 13 ученици кои завршиле петто одделение и бараат да продолжат од шесто во истото училиште. Имам редовни состаноци, и со родителите Албанци, и со родителите Македонци и утре ќе реализирам состанок со сите нив. За да се отвори нива паралелка, директорката на основното училиште доставува барање и врз основа на анализите, ние тоа барање го доставуваме во Министерството за финансии, изјави денеска Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања.

Иницијативата на родителите кои протестираат три дена, рече, е затоа што сметаат дека нема простор во училиштето. Додаде дека и Просветниот инспекторат ја анализирал состојбата.

– Никогаш нема да се донесе одлука на штета на ниту една страна. На градоначалникот на Гази Баба му кажав дека ако е потребно простории во истото училиште, барам најитно да се достави проект за да можеме да го реализираме во тој простор на училиштето. Оваа тема не се дискутира од овој септември туку 20 години. Со Општината дискутираме за долгорочно решение за изградба на училиште во Идризово и барам разбирање за краткорочно решение што треба да го најдеме што побрзо, до петок, без разлика дали се учениците Македонци или Албанци. Се работи само за една паралелка во училиштето, рече Шаќири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот