Бојчевски: Катастрофа е тоа што медицински кадар работи без пари и без договори, како да се хуманитарци

Независен синдикат на здравствени здравствени работници фото: МИА

Медицински кадар во јавните здравствени установи со години работи со договор на определено време, а најексплицитен е случајот со Клиниката за уво нос и грло каде има вработена што 13 години е со договор на дело, вели за „Слободен печат“ Боби Бојчевски, национален координатор на Независниот синдикат на здравствени работници.

Трајните вработувања што беа ветени за здравствениот кадар со цел да им се даде местото што го заслужуваат во клиниките, останаа во фиоките, чекајќи да завршат изборите и да може да ги поминат административните процедури.

– Катастрофа е тоа што медицински кадар работи без пари и без договори, како да се хуманитарци. А сметајте дека ако престанат со работа ќе престане дејноста на некои одделенија каде што се тие. Во некои градови почнати се потпишувања на договори на дело, продолжени се, иако се најкриминалните договори. А во некои градови, после 5 години работа се оставени на улица. Од херои станаа заборавено минато. Во Гостивар на пример, има 4 сестри во превентивна здравствена заштита и не им се продолжени договорите. Работеа шест години во Здравствен дом. Во Битола, од 60 вработени на дело, за 20 има договори, а 40 се на улица. Во Битола медицинските сестри ги тераат да потпишат волонтерски договори, не се согласиле, па и тие се на улица. Вакви случаи има и во Кавадарци, Ресен, Неготино. Ова се информации што ги имам лично од нив, тврди за „Слободен печат“ Бојчевски.

Во меѓувреме, здравствените работници од целата држава се подготвуваат да протестираат, поради тоа што платите не им се усогласени со минималната плата, но и поради тоа што почнале да ги губат договорите за вработување. Дел од нив во моментов работат во болниците без пари и на доверба, затоа што не им биле продолжени договорите, додава Бојчевски.

– На 28 декември тогашниот министер за здравство и премиерот излегоа и кажаа дека ќе се реши случајот со вработените кои беа со договор на дело повеќе од 6 години. Некои од нив, како што е примерот на Клиниката за ОРЛ, работат со договор на дело 13 години. Примени се луѓе на конкурси во Гостивар, Тетово и Струга. Во другите јавноздравствени установи немаше никаков конкурс за вработување. Дури на 14 февруари ги пуштија конкурсите во некои јавни здравствени установи со напомена дека после изборите ќе се реши нивниот работен статус. Но, кој свесен треба да чека 4 месеци да му се реши работниот статус? Останаа „на доверба“, а во некои здравствени установи верувајте работат без денар, без пари, бидејќи е забрането вработување додека има техничка влада, иако имаат согласности, објаснува Бојчевски.

Но, ова не е единствената причина за револт и несогласување на здравствените работници со здравствените политики на Владата. Од Независниот синдикат на здравствени работници најавија сериозни протести ако следниот месец не добијат плата усогласена со минималната. Како точно ќе изгледа тој протест ќе се одлучува деновиве, кога ќе се состанат органите на Синдикатот од 40 градови. Во игра се три опции, кои директно ги засегаат пациентите. Барањето е следната плата да им биде правилно и законски исплатена и усогласена со Законот за минимална плата.

– Првата опција е да се протестира на паузите, втората да се затворат јавните здравствени установи три часа од 11 до 14 со примање само на итните пациенти. Третата опција е генерален штрајк во болниците, додава Бојчевски.

Тој вели дека постојано добива пораки од здравствени работници кои со него споделуваат дека платите им се мизерни.

– Физиотерапевт ми праќа порака дека работи 8 години и платата му е 25 илјади денари. Срамно и жално. Бараме правилно и законски да се исплати плата согласно Законот за минимална плата. Во преодните и завршни одредби во Законот за минимална плата е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од 6 месеци од причина што во колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со Законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност. Бараме како основа за пресметка на платата на здравствените работници да биде минималната плата помножена со коефициентот на работното место. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата, велат од Синдикатот.

Заменичката министерка за здравство Маја Манолева во утринското гостување во „Слободен печат“ најави дека формалностите околу добивањето на согласности за вработување се завршени.

– Но, поради изборите не можеме  да ги отпочнеме овие вработувања, иако во најголем дел за овие 1.117 вработувања, во Министерството за здравство стигна согласност. Ќе почекаме по изборите да го реализираме тоа што го ветивме, независно од тоа каков ќе биде исходот од изборите. Потребно е на тие луѓе со договор на дело кои работеле и вложиле во тие здравствени институции, да им овозможиме да добијат соодветно место во здравствената институција, односно да дојдат до вработување, истакна Манолева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот