Близу 1.000 верници ќе се фрлаат по светиот крст во Охрид

Водици
Млади момчиња со Чесниот крст којшто се фрла во вода за празникот Водици / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според последните мерења, температурата на водата е околу осум степени Целзиусови, што е доста ниска температура и налага претпазливост и внимателно и одговорно однесување.

Во Охрид денеска ќе се одржува најмасовната верска манифестација – традиционалното положување на Чесниот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление – Водици.

Чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на Чесниот крст ќе биде во 10 часот кај Градското пристаниште. На фрлањето на крстот ќе му претходат свечени литургии по повод празникот што се одржуваат од изутринава во сите парохиски цркви, по што околу 9:30 часот литиите поаѓаат кон Градското пристаниште.

Пријавени се речиси илјада верници и тоа не само од Охрид и околните места, туку и од многу други градови од целата држава, поединци и од соседните земји.

Верскиот дел од чествувањата ќе биде заокружен точно на пладне на Сараиште, со масовно крштевање во осветените езерски води.

За безбедноста на оние што ќе влегуваат во вода ќе се грижат екипи од нуркачките клубови од градот, како и на општинската организација на Црвениот крст, од каде апелираат на почитување на препораките да не се влегува во вода доколку се почувствува слабост или каков било здравствен проблем, потоа да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, да не се задржуваат долго во водата и да имаат обезбедено сува и топла облека после излегување од вода.

Според последните мерења, температурата на водата е околу осум степени Целзиусови, што е доста ниска температура и налага претпазливост и внимателно и одговорно однесување.

Што се однесува до безбедното и непречено одвивање на манифестациите по повод верскиот празник Богојавление-Водици, Секторот за внатрешни работи Охрид спроведе мерки на превентивен и оперативен план, насочени кон зачувување на стабилната безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, за спречување на казнени дела и безбедност во сообраќајот

Според најавите, забрането ќе биде движење со моторни возила на булеварот „Македонски Просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон „Кеј Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ како и улицата „Коста Абраш“. Забрането ќе биде запирање и паркирање моторни и други возила на кружниот тек кај градското пристаниште и на плоштадот „Крушевска Република“. Присуство на полициски службеници во патролни чамци ќе има и од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.

За добро расположение и забава на гостите во Охрид, на градскиот плоштад ќе одржат концерт уметниците од групата „Некст тајм“.

Празнувањата на Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со „Денот на рибарите“ на самиот празник посветен на Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна карактеристична за трпезите на овој празник.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот