Фото: itoldya test1 - GetArchive

Бездомниот Германец: 150 години од раѓањето на Томас Ман

Тој беше раскажувач на еден век и остана поврзан со судбината на Германците дури и во егзил. На 6 јуни 2025 година се одбележаа 150 години од неговото раѓање. Неговото наследство и денес има значење.

Литературниот свет е едногласен: Животот и творештвото на Томас Ман (1875 – 1955) биле длабоко поврзани. Германскиот писател стекна светска слава – како значаен глас на културата, но и како патник меѓу световите. Иако неговата слава првенствено произлегува од книжевното дело – тој ги напиша големите романи како „Буденброкови“, за кој во 1929 година ја доби Нобеловата награда за литература, „Волшебната планина“ и „Доктор Фауст“ – важна улога одигра и неговата политичка ангажираност.

Ман пишуваше есеи, подготвуваше радиообраќања – живееше во време на светски превирања, со две светски војни, нацистичка диктатура и Холокауст. Сето тоа длабоко се одразува во неговото творештво.

Училишни денови: Германскиот јазик не му бил силна страна

Ништо од ова не е на повидок кога Томас Ман се раѓа на 6 јуни 1875 година во Либек, како син на трговец. Расте во големо семејство со четири браќа и сестри. Уште како ученик пишува кратки прозни текстови и есеи. Заедно со брат му Хајнрих се вљубува во книжевноста, што го разочарува нивниот татко. Но, и големите писатели започнуваат скромно: Ман неколкупати паѓа година, а по германски јазик не успева да добие повеќе од „доволно“.

По смртта на татко му во 1891 година, Томас ја напушта гимназијата без да матурира, се сели со семејството во Минхен и започнува работа како осигурителен службеник, но брзо се откажува. Живее од наследството и почнува да работи како слободен писател. Неговиот прв текст „Паднати“ („Gefallen“) е објавен во 1894 година во списанието Општество (Die Gesellschaft). Во тоа време сака да стане новинар.

Со братот Хајнрих заминува во Италија, каде што престојуваат две години. Таму го започнува романот „Буденброкови“, кој излегува во 1901 година по неговото враќање. Делото, инспирирано од историјата на неговото семејство, ја раскажува приказната за падот на едно богато трговско семејство. Критиката со восхит го прифаќа романот, кој првично требало да биде заеднички проект на двајцата браќа. Од тој момент, Ман се издржува од својата книжевност.

Првата светска војна и семејни расправии

По „Буденброкови“ следуваат нови дела, како збирката новели „Тристан“ (1903), која ја вклучува и познатата „Тони Крегер“ – приказна за конфликтот меѓу уметноста и граѓанскиот живот. Во потрага по граѓанска стабилност, Ман во 1905 година се жени со Катја Прингсхајм, ќерка на богата минхенска интелектуална фамилија. И покрај бракот, Ман чувствува привлечност кон млади мажи – што Катја, очигледно, не го проблематизира. Парот добива шест деца, од кои неколку подоцна стануваат писатели.

Светот се менува. Со почетокот на Првата светска војна (1914 – 1918), Ман влегува во конфликт со брат му Хајнрих, кој исто така е успешен автор. Причина за расправијата е нивниот став кон војната: Хајнрих објавува антивоен текст, додека Томас го поддржува царството и воената политика, што го објаснува во есејот „Размислувања на еден неполитички човек“ (1918). Но, по поразот на Германија и формирањето на Вајмарската република, тој ја менува својата позиција. Во говор од 1922 година, Ман јавно ја поддржува демократијата.

Во 1929 година, тој ја прима Нобеловата награда за литература за „Буденброкови“ – огромно признание што ја издигнува германската книжевност на светската сцена. Сепак, Ман е разочаран што жирито не го спомнува неговиот роман „Волшебната планина“ од 1924 година.

Прогонство и отпор

Далеку пред избувнувањето на Втората светска војна (1939 – 1945), Ман ги предупредува своите сонародници. Во 1930 година, три години пред Адолф Хитлер да дојде на власт, тој одржува силен говор против нацистите и во одбрана на социјалдемократијата. По враќањето од една европска турнеја во пролетта 1933 година, веќе не се враќа во Германија. Се населува во Швајцарија. Таму го објавува првиот том од тетралогијата „Јосиф и неговите браќа“, во која ја интерпретира библиската приказна за Јосиф.

Првично не ги коментира настаните во Германија, но во 1936 година отворено ја осудува нацистичката политика во писмо објавено во Ноје Цирхер Цајтунг (Neue Zürcher Zeitung). Германските власти бргу реагираат: му го одземаат државјанството и почесната титула од Универзитетот во Бон. Претходно, нацистите му ја уништуваат репутацијата и му го конфискуваат дел од имотот.

Емиграција во САД

Во 1938 година, Томас и Катја се иселуваат во САД. Ман станува гостин-професор на Принстон. На прашањето на еден новинар дали чувствува тежина поради егзилот, тој одговара: „Каде што сум јас – таму е Германија! Ја носам својата култура со себе и не се чувствувам како паднат човек.“

Од 1940 година, Ман почнува преку британскиот Би-би-си (BBC) да емитува месечни радиообраќања до своите сограѓани во Германија, заобиколувајќи ја нацистичката цензура. Во повеќе од 60 емисии ги повикува Германците на отпор, не избегнувајќи ја ниту темата за масовното убивање на Евреите.

Но, и по крајот на војната, не добива само признанија. Во 1945 година го објавува текстот „Зошто не се враќам во Германија“, во кој ја припишува вината за нацистичките злосторства на целиот германски народ. Многу критичари му замеруваат што, како егзилант, суди за животот под Хитлер.

Контроверзија предизвикува и неговата изјава за бомбардирањето на германските градови: „Сè мора да се плати.“ Со романот „Доктор Фауст“ (1947), во кој композиторот Адријан Леверкюн склучува пакт со ѓаволот, Ман остро ги критикува општествените услови кои го овозможиле нацизмот.

Но ни во САД не оди сè мазно: во анти-комунистичката атмосфера, Ман е осомничен за симпатии кон комунистите и мора да сведочи пред комисија за неамерикански активности. Во 1952 година ги напушта САД, но не се враќа ниту во Западна, ниту во Источна Германија – повторно се населува во Швајцарија.

Томас Ман умира на 12 август 1955 година, на 80-годишна возраст, во кантоналната болница во Цирих. Со своето книжевно дело и со отпорот кон нацистичката нечовечност, тој остави храбро и трајно наследство.

Извор: Дојче веле/ Автор: Штефан Деге

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот