Бектеши: Ќе прогласиме кризна состојба во енергетиката со важност од 1 септември

Крешник Бектеши / Фото: Скриншот, Фејсбук

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека вечер ќе прогласат кризна состојба во енергетскиот сектор на национално ниво што ќе важи од 1 септември. Согласно законите, како што информира попладнево Бектеши по состанокот со градоначалникот на Општина Арачиново Ридван Ибраими, енергетската кризна состојба може да трае 30 дена.

Министерот Бектеши по состанокот, изјави дека од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа Општина, но и на други места.

Тој ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја, како што рече, се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.

Бектеши вели оти е точно дека има загуби на електрична енергија во Општина Арачиново, меѓутоа, како што посочи, загуба има и во Куманово – 16,2 посто, Тетово 10,7 посто, Гостивар – 19,3 посто, Кичево -12,1 проценти, Скопје – 19,6 отсто. Министерот најави дека кај сите овие општини и останатите ќе се постапува согласно закон.

„Ги повикувам сите да ги почитуваат законите, одредбите од законите се со цел да не се направи штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електродистибутивниот систем“, рече Бектеши нагласувајќи дека крадење на струја или незаконски приклучок во дистрибутнивната мрежа е кривично дело кое се санкционира согласно закон.

Претставник од ЕВН изјави дека фокусот на денешната дискусија бил ставен на почитување на законски норми од сите вклучени во процесот, за што, како што кажа, добиле поддршка. Во иднина се надеваат дека тоа ќе функционира со цел ЕВН да обезбеди квалитетно снабдување на струја и да има еднаков третман на сите корисници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот