„Бадникови поворки“ му се извинува на архиепископот Стефан, изоставувањето на „Македонски“ не било намерно

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Здружението „Бадникови поворки“ упати јавно извинување до поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, откако тој реагираше затоа што во преносот на божиќната манифестација на МТВ, бил претставен само како „Архиепископ Охридски“, без „Македонски“ во титулата.

Извинувањето од здружението го пренесуваме во целост:

„Ваше Блаженство, почитуван и сакан наш Архипастиру,

Соочувајќи се со Вашата реакција во јавноста, а во однос на нецелосното презентирање на Вашата титула „Архиепископот Охридски и Македонски” длабоко извинувајќи ви се како организатор на концертот, сакаме да Ве известиме дека се работи за ненамерен пропуст во составувањето на сценариото и воедно да отфрлиме секаква залонамерна предумисла.

Имено, како што внимателно испитавме и утврдивме, непосакуваниот пропуст настана во воведот на сценариото, односно во обраќањето на почетокот, од каде што потоа вашето скратено ословување се појави и на кајронот при Вашето обраќање, при што јавниот сервис МТВ нема никаква вина по однос на ова непредвидено искушение.

А дека се работи за ненамерен пропуст, докажува и тоа што во подоцнежниот дел од сценариото, и од страна на водителот, како и од страна на претставникот на нашето здружение, бевте посочени и повикани на сцената со Вашата полна титула: Архиепископ Охридски и Македонски”.

Впрочем, топлиот дух на целата атмосфера, како и љубовта со која Ви се обраќавме – не само ние, туку и пејачката на концертот, којашто во повеќе наврати Ви се обрати неформално но топло и срдечно – сведочи за нашата верност, посветеност и синовска почит кон Вас.

Ние како здружение, верно на нашата најсвета МПЦ-ОА, сме сигурни и постјани во љубовта и почитта кон Вас, Вашата личност, кон Вашето дело и кон местото на Претстојател на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Ние сме верници кои го почитуваат редот и поредокот во Црквата и не сакаме никого и со ништо да навредиме, а нашата љубов кон Вас, досега многупати, а вчера особено беше покажана пред лицето на јавноста не како нешто невистинито, туку како изблик на искрена љубов кон Вас од нашето срце. Всушност, и целиот наш волонтерски ангажман кон возобновувањето на автентичните православни традиции за празнувањето на Божик, со поворките и пеењето на преданиските текстови на каландите, е еден наш жртвен и макотрпен принос, но и дар за нашата Црква, како и за Вас како нејзин Поглавар.

Не сакаме оваа ненамерна ситуација да фрли сенка на сиот наш досегашен труд, на нашето уважување и љубов кон Вас. Особено не поради лошите намери на поединци, кои без никаков труд, сега сакаат со своето лошо зборување и злонамерно расудување – правејќи проблем таму каде што го нема, да го урнат тоа што е очигледно – нашата ревност кон верата и преданијата на Црквата.

Примете го уште еднаш нашето длабоко извинување за ненамерниот пропуст.

Со прозби за Вашиот благослов и архипастирските молитви,“ пишува во јавното извинување до архиепископот од „Бадникови поворки“.

Архиепискот Стефан реагира – на МТВ го напишале само Охридски, без Македонски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот