
Австрија размислува да се повлече од Евровизија поради бојкотот на Израел: Можно е да плати огромна оштета
Евровизија 2026 би можела да се соочи со сериозна криза, откако австриските медиуми објавија дека Австрија размислува да се откаже од организацијата на натпреварот доколку Израел биде исклучен од учеството. Според извештаите на OE24 и други медиуми, канцеларот Кристијан Стокер и заменик-министерот Александер Прел упатиле директни барања до австриската јавна радио-телевизија ОРФ и до градот Виена да не го прифатат домаќинството на Евровизија во случај Израел да биде избркан.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Владините претставници сметаат дека таквата одлука би била „невиден преседан“, бидејќи Австрија не може да биде земја која ќе забрани учество на своја територија. Аналитичарите дополнуваат дека овој став има и историска димензија, имајќи ја предвид австриската одговорност кон Израел по Втората светска војна.
Огромна финансиска казна доколку се повлечат
Покрај политичките тензии, случајот има и сериозна финансиска заднина. ОРФ веќе има обврска со договор да ја организира Евровизија 2026, по победата на Австрија на годинашниот натпревар. Ако сега се повлече, земјата би можела да плати оштета и до 40 милиони евра.
Директорот на ОРФ, Роланд Вајсман, ја известил владата дека за покривање на евентуалната казна ќе биде потребна државна финансиска помош, бидејќи јавниот сервис може самостојно да обезбеди најмногу 26 милиони евра.
Германија се заканува со бојкот
Кризата не застанува на Австрија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц јавно изјави дека Германија нема да учествува на Евровизија 2026 доколку Израел биде исклучен.
Повикувајќи се на „историската одговорност“ на својата земја кон еврејскиот народ, Мерц оцени дека евентуалното исклучување на Израел би било „удар врз европските вредности и демократијата“.
Од другата страна, неколку европски земји предводени од Шпанија, бараат Израел да биде исклучен од натпреварот, што предизвикува политички потреси низ целиот континент.
Тензично гласање во ноември
Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која ја организира Евровизија, планира во ноември да одржи тајно гласање за ова прашање. Според извори блиски до организацијата, „постои можност повеќето членки да гласаат за исклучување на Израел“, што би можело дополнително да го продлабочи конфликтот меѓу земјите-членки и да доведе до бран повлекувања и бојкоти пред натпреварот што треба да се одржи во 2026 година.