Австралија бележи рекордно високи температури за овој дел од годината

Сиднеј

Големи делови од Австралија денеска се под влијание на невообичаени пролетни горештини, објави Националната метеоролошка служба, која предвидува дека и утре би можеле да се забележат рекордни температури.

Во Сиднеј, главниот град на најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс, температурите достигнаа 34,2 степени Целзиусови на аеродромот Кингсфорд Смит – повеќе од 12 степени над просекот за септември, според Бирото за метеорологија.

Синоптичарите оваа недела објавија дека временскиот феномен Ел Нино ќе се зајакне меѓу септември и ноември, што ќе донесе потопли и суви услови во Австралија. Бирото за метеорологија објави дека раните горештини во многу делови од земјата биле „многу невообичаени за септември“. „Овие температури ќе се зголемат од недела до вторник“, се вели во објавата на Фејсбук, со температури од 8 до 16 степени над просекот.

„Рекордни септемвриски дневни и ноќни температури се очекуваат од недела до четврток низ внатрешноста на Јужна Австралија, Нов Јужен Велс и североисточна Викторија“, додаваат тие.

Ел Нино може да предизвика екстремни временски услови, од пожари до циклони и долготрајна суша, а австралиските власти веќе предупредуваат на зголемени ризици од шумски пожари ова лето.

Густ чад го прекри Сиднеј оваа недела, додека пожарникарите спроведуваа контролирани пожари за да се подготват за претстојната сезона на шумски пожари.

Последните две сезони на шумски пожари во Австралија беа тивки во споредба со катастрофалното „црно лето“ на шумски пожари во 2019-2020 година кој уништи област со големина на Турција и уби 33 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот