Фото: Архива

АВМУ: Со исклучок на две телевизии, медиумите во периодот на предизборието се придржувале кон објективното и непристрасно известување

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во Извештајот од мониторингот на радиодифузерите во периодот од распишување на изборите до почетокот на кампањата за Локалните избори, односно од 10 август до 28 септември 2025 година, наведува дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик. Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните, но исклучок беа две телевизии, од деветте кои беа набљудувани.

Со мониторингот, како што посочуваат од АВМУ, биле опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МРТ 1, МРТ 2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести.

– Акцентот беше ставен врз централното издание на вестите, како и врз посебните информативни емисии (интервјуа, дебати, соочувања) и врз другите информативни програми поврзани со подготовките за изборите. Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик – истакнуваат од АВМУ.

Во целиот период на предизборието, од 10 август заклучно со 28 септември 2025 година, во вестите на анализираните телевизии на државно ниво, како што се вели во соопштението од АВМУ, имало малку информативни прилози (вести/вести во низа/извештаи) посветени на претстојните Локални избори.

– Медиумите генерално се придржуваа кон начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, при што на публиката би ѝ се овозможило слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања. Исклучок беа две телевизии. ТВ Алфа не го почитуваше ова начело од квантитативен (одвоеното време) и од квалитативен аспект (преку позитивно врамување и тон во вестите и интервјуата за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и Владата и негативен тон и врамување во вестите за политичката партија СДСМ), додека ТВ Алсат-М ова начело не го почитуваше доследно поради негативниот тон и врамување за политичката партија ДУИ во прилозите од вестите – велат од АВМУ.

Јавниот радиодифузен сервис преку редовните информации (вести/извештаи/соопштенија) од Државната изборна комисија, ги исполнил обврските да информира за изборниот процес.

-Телевизиските програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис емитуваа и дебатни емисии, меѓутоа не за соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата како што пропишува член 76-а став 11 од Изборниот законик, туку со политички аналитичари, кои ги анализираа направените анкети во врска со Локалните избори меѓу населението во неколку градови во Македонија на МРТ 1, односно предизборната реторика на Вреди и ДУИ на МРТ 2 – истакнуваат од АВМУ.

Мониторингот покажал дека неколку комерцијални телевизии, исто така, вложиле напори Локалните избори 2025 година да ги анализираат и преку посебни информативни емисии (интервјуа, дебати и други информативни програми). – Интервјуа емитуваа ТВ Алфа, Канал 5, ТВ 21-М, ТВ Сител и ТВ 24 Вести, додека дебати организираа ТВ 24 Вести, ТВ Телма и ТВ 21-М, велат од АВМУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот