Aсимптомaтските во изолација седум наместо 10 дена?

Ковид-амбуланта / Фото: МИА

Епидемиолозите ја разгледуваат можноста да се скрати времетраењето на изолацијата, особено за асимптоматските случаи, за да нема премногу отсуства од работните места. Причината за овие измени се различните карактеристики што ги манифестира сојот омикрон.

Комисијата за заразни болести на следниот состанок по божиќните празници ќе ја разгледува можноста да се намали изолацијата на дел од заразените со коронавирусот од десет на седум дена. На претходните две седници, епидемиолозите дискутирале дека треба да се направат измени, односно да се скрати времетраењето на изолацијата, особено за асимптоматските случаи, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Министерството за здравство. Причината за овие измени се различните карактеристики што ги манифестира сојот омикрон.

Според моментните протоколи, позитивните одат во изолација 10 дена доколку се без симптоми, а 20 дена ако покажуваат знаци на болеста. Тоа го оптоварува кревкиот систем за следење на контактите на заразените, па епидемиолозите не можат да постигнат да ги следат контактите на заразените. Омикрон варијантата што се шири и во земјава, не се пројавува на ист начин како сојот делта – пациентите се заразни во првите 3 до 5 дена. Поради ова, САД ја намали изолацијата од 10 на 5 дена, а слични намалувања има и во земји од Европската Унија, со цел да не ѝ се наштети на економијата и да има доволно работници.

Актуелните протоколи во земјава велат дека не сите вакцинирани се ослободени од изолација ако биле во контакт со заразен. Тоа зависи од процената на епидемиологот колку време вакцинираниот бил во контакт со заболениот и на колкаво растојание. Епидемиолози велат дека сега и вакцинирани се заразуваат, затоа вакцината не е гаранција дека некој нема да оди во изолација.

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје Скопје и долгогодишен епидемиолог доктор Александар Стојанов вели дека дефинитивно мора да се направат измени и периодот на изолацијата да се намали, зашто по појавата на сојот омикрон веќе не владеат истите правила од почетокот на пандемијата.

– Тоа веќе не држи вода. Никој не може да седи дома 10 или 20 дена, а и не е епидемиолошки оправдано. САД имаа еден милион новозаразени, а ја намалија изолацијата од 10 на 5 дена. Нашиот проблем е што не тестираме доволно и не го секвенционираме сојот омикрон. Како што ќе поминува времето, ќе превладува омикрон и ќе треба да се намали изолацијата. На омикрон инкубацијата му е три дена, а лекувањето пет дена, по тоа пациентот не е веќе заразен. Затоа Американците направија изолацијата да трае пет дена. Сепак, за ваква мерка мора да се знае дали станува збор за сојот омикрон. Ако е делта, не треба да излезе од изолација толку рано – објаснува Стојанов за „Слободен печат“.

Причината поради која времетраењето на изолацијата не може нагло да се спушти од 10 на 5 дена, како што тоа е направено во САД, е затоа што во државата уште има заразени со делта варијантата на коронавирусот. Затоа и епидемиолозите се двоумат дали да се скратува мерката изолација, иако треба да се мисли и на фирмите на кои може да им биде загрозен работниот процес ако многу работници им заминат истовремено во изолација.

Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија апелираше Комисијата за заразни болести да ги промени протоколите за изолација на контактите со заразените пациенти.

„Ако уште утре не ги смените протоколите и не го намалите времето на изолација на позитивните, на 10 јануари ќе нема кој да работи и сите ќе бидеме во изолација. Изолација на контактите при вака раширен омикрон е неодржлива и без епидемиолошка оправданост“, смета Беќаровски.

Според неговите процени, доколку за еден ден имаше 1.197 позитивни со регуларно направени тестови, сигурно има уште повеќе од пет илјади граѓани кои се самотестирани и повеќе од 25 илјади граѓани кои се позитивни, а недијагностицирани.

„Добрата вест е што до крајот на февруари ќе направиме колективен имунитет и за 8 март повторно ќе може да играте чочеци“, напиша Беќаровски на Фејсбук.

Изолацијата се користи и за поттикнување на вакцинацијата

Европа се соочува со намалување на бројот на работниците поради тоа што и болните и нивните контакти мора да одат во изолација. Белгија најавува дека двојно вакцинираните нема да одат во изолација ако имале контакт со заболен, а невакцинираните и понатаму ќе мора да се „затворени“ 10 дена по контакт со заболен. И во Италија нема карантин за целосно вакцинираните, а во Велика Британија се излегува од изолација седмиот ден, доколку шестиот ден по контактот лицето има негативен ПЦР-тест. Во други земји не е задолжително ПЦР-тестирање за излегување од карантин, туку да поминат седум дена и да се носи маска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот