Арсовска дојде на седница и се случи хаос: Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарекуваше „мицковисти“, а Славески го обвини за фалсификување потписи

Фото: Скриншот од седница на Советот на Град Скопје

На денешната вонредна седница на Советот каде се разговара за дополнителни субвенции на ЈСП Скопје, повторно дојде до голема расправија помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Советот, Трајко Славески.

Испровоцирана од дискусии на некои советници за лошото менаџирање на ЈСП и на Град Скопје, особено откако советникот Малиша Станковиќ ја праша зошто ќе го реализира БРТ превозот и покрај тоа што тврдела дека е лош, Арсовска од говорницата повтори дека од прв ден кажала дека ниту еден проект кој е започнат за доброто на граѓаните нема да се откаже, а дека тоа „мицковистите“ не можат да го разберат.

 Тој „мицковизам“ е рак рана на македонското општество и кога ќе дојдат следните избори треба да дојдете тука заедно со мене и да кажете што сте реализирале, затоа што луѓето многу добро знаат дека овој градоначалник без вашите одлуки не може да спроведе. 250 автобуси вие ветивте, бесплатен превоз, не ветив само јас, тие се во програмата „За модерно Скопје“ која вие од врата на врата ја промовиравте – рече Арсовска.

Таа посочи дека тие се власт во Скопје, имаат претседател на Советот и дека имаат 500 претставници во управни и надзорни одбори и во училишни одбори кои земаат пари од Градот секој месец.

Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто голем дел од програмата кои досега ќе беа петпати реализирани, не се реализирани, зашто со 1000 опструкции реализиравме 250 проекти, наместо 400. Вие сте причината зошто на овој град не му е подобро сега, затоа што јас сама не можам многу да направам. Ако сакате да не сте власт кажете им на сите ваши членови од управни и надзорни одбори да си дадат оставка. Паушалите не сте ги земале затоа што има сомневање дека вашиот претседател фалсификувал потписи. Кривично ќе одговара оној што овозможил некому да зема пари со фалсификуван потпис, а паушалите ќе си ги земете – обвини градоначалничката од говорницата.

На тоа веднаш реагираше Славески кој посочи дека градоначалничката ќе добие тужба за изнесените тешки навреди.

Вие изнесовте тешко обвинување за фалсификат. Јас имам копија од списоците. Со знаење на сите тука, со знаење на службите, две членки на Совет, едната заради патолошка бременост, другата заради борба со канцер, им беше дозволено во неколку седници да се вклучат онлајн. Постојат снимки за тоа. По инструкција на Сектор за поддршка на Совет, за да се евидентира нивното присуство онлајн, јас имам потпишано со „за“, таму стои мојот потпис, јас не можам да го фалсификувам мојот потпис. Вие за ова ќе одговарате. Ја отрувте атмосферата овде која беше работна, вие ја отрувте со политички говор, подобро да не дојдевте на седница – рече Славески.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот