Анкета: Студентите не пријавуваат корупција на факултетите бидејќи се плашат од последиците

Корупција

Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ ги презентираше резултатите од анкетата за перцепциите на студентите за корупција во високото образование во Албанија, Северна Македонија и Србија. Резултатите покажаа дека 20 проценти од анкетираните студенти сметаат дека корупцијата е многу или екстремно присутна на факултетите. На еден од десет студенти во земјава, кои се опфатени со анкетата, професорот му побарал мито, а шест отсто понудиле мито за повисока оценка. Повеќе од 90 отсто од студентите не знаат каде да пријават корупција на факултетите.

-Тоа се податоци кои нѐ загрижуваат. Изненадувачки е што првпат оваа анкета покажува дека има висок степен на перцепција за коруптивни практики од самите студенти – дури 20 отсто, на пример, наведуваат дека студентите мамат на испити или дека студентите ангажираат други лица да им пишуваат тези или семинарски работи. Тоа се две од трите најглавни коруптивни практики коишто ги утврди истражувањето, рече проф. д-р Мишо Докмановиќ, менаџер во проектот за нашата земја.

За разлика од другите две земји, во нашата држава студентите се најмалку информирани – повеќе од 90 отсто од анкетираните кажале дека воопшто не знаат како се пријавува корупција, ниту дали постои надлежна установа или орган на факултетите. На прашањето зошто не пријавуваат корупција, една третина од испитаниците во земјава одговориле дека се плашат од последиците доколку пријават корупција.

-Имаме над 90 отсто студенти кои не знаат како треба да реагираат и тоа е проблем. Студентите се тие што треба да пријават евентуално коруптивно поведение на факултетите и мора да бидат многу подобро информирани. Секој студент кога почнува учебната година треба точно да знае каде и како пријавува итн. Да речеме, интересен податок е што студентите во Македонија најмногу одговараат дека онлајн-формулар е најдобра форма за да пријават корупција. Тоа значи дека сакаат да им обезбеди максимална заштита потенцијалното пријавување, додаде Докмановиќ.

Параметрите се разликуваат меѓу трите земји. На пример, како што рече, во Албанија постои многу подобра информираност за пријавување на корупцијата, а во Србија има помала перцепција, на пример, во делот на барањето мито од страна на професорите или обврската да им се купи книга.

-Една од трите главни коруптивни практики е и тоа што студентите во Македонија наведуваат дека професорите ги обврзуваат за книга за подобра оценка или подобар резултат, додаде проектниот менаџер.

Истражувањето било спроведено во мај годинава од независна агенција и биле анкетирани 300 студенти во секоја земја, во рамки на проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ поддржан со регионален грант на Смарт Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот