Ангелов: ЦУК направи проверка на 14 мостови низ државата, повеќето од нив се опасни за граѓаните

Фото: Фејсбук

Некои од мостовите во државата се во лоша состојба и се опасни за граѓаните. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска одржа прес-конференција на тема „Состојбите со мостовите“, при што истакна дека извршиле проверка на состојбата на 14 мостови низ државата, а повеќето претставуваат опасност за граѓаните и оти не треба да се биде експерт за да се увид дека мостот не е стабилен.

Ако има пукнатини на столбовите, ако има паднат столб не треба да бидете експерт за да знаете дека тој мост не е најстабилен, а можеби не е воопшто стабилен – вели Ангелов.

За мостот на Башино село се прават напори за целосна санација, вели тој. Додека кај мостот во село Ланце загрозена била стабилноста на мостот.

Во село Ланце заклучивме дека градоначалникот е прилично немоќен, бидејќи станува збор за мост изграден пред педесетина години, тука на еден од столбовите е видлива вертикална пукнатина која верувам дека се одразува врз стабилноста на мостот, преку овој мост минува голем број на граѓани кои ги извршуваат земјоделските обврски, затворањето би предизвикало голем проблем но ваков каков што е не сум сигурен колку е безбеден – рече Ангелов.

ЦУК го посетиле и мостот на реката Пчиња, за кој увиделе дека е во исклучително лоша состојба.

Стапивме во комуникација со градоначалникот од Куманово, веднаш ангажира стручни лица и го извести МВР. Ангажира експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Мостот мора да се санира или да се руши и изгради нов е мислењето на Институтот. Сè додека не се преземат мерки за санација мостот е ризичен и треба да се забрани за користење, појасни Ангелов.

Додаде дека и на мостот во близина на село Секирник кај реката Струмица состојбата, исто така била алармантна. Извршена била и посета на три моста кај Крива Река, за кои рече дека биле мали, но од животно значење.

Има еден импровизиран мост тоа се диви мостови не се изработени со градежна дозвола граѓаните сами ги правеле и сите три се небезбедни, појасни Ангелов.

Исто така, Ангелов информира дека мостот во Визбегово е во многу лоша состојба и испрати апел до Град Скопје да постави импровизирана ограда. Информира дека биле известени сите надлежни институции и ги повика граѓаните да пријавуваат какво било оштетување или нестабилност на некој мост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот