Ангелко Ангелески, агрометеоролог: Секојдневните врнежи негативно се одразуваат на земјоделското производство, а особено на пчеларството

Секојдневните врнежи, без разлика дали обилни или не, негативно влијаат на земјоделското производство, првенствено бидејќи придонесуваат за зголемување на влагата во површинскиот слој на почвата. Според прогнозите на повеќето метеоролошки центри, ваквото време ќе се задржи и во текот на јуни.

„Предолго сме под влијание на ваква воздушна маса. Април беше натпросечен во однос на врнежите, мај на неколку места беше натпросечен, во Струмица, Битола, Охрид и Берово. Во останатите места беше многу блиску до просекот. Просечните врнежи за мај беа меѓу 60 и 73/м2.“, вели агрометеорологот Ангелко Ангелески.

Како што објаснува, без оглед дали врнежите се обилни или не, проблемот е всушност во честите, секојдневни врнежи, кои придонесуваат за зголемување на влагата во површинскиот слој на почвата.

„Втората половина на април и почетокот на мај се започна со расадување на тутунот, расадување на градинарските култури на отворено, меѓутоа, високата влага во почвата, во површинскиот слој придонесе за отежнато влегување на механизацијата внатре и отежнато расадување на овие култури, како и отежната меѓуредова обработка во наредниот период.“, вели агрометеорологот.

Житните култури во овој период имаат сосема доволно влага да ја завршат вегетацијата и кај нив нема некое посебно негативно влијание, освен онаму каде што врнежите беа проследени со невреме.

Негативното влијание на ваквите временски услови се одразува и во пчеларството.

„Пчеларите оваа година уште прихрануваат, особено во повисоките региони, над 700-800 метри надморска височина, се уште се прихранува. Ова никогаш не се правело во јуни. Меѓутоа, бидејќи немаат сонце, немаат суво време, немаат паша, прихранувањето не придонесува пчелите да направат мед туку само им овозможува да останат во живот. Багремот годинава воопшто не замеди затоа што цело време врнеше дожд и цветовите се „измија“, а багремот е една од поголемите паши во Македонија.“, објаснува Ангелески.

Досегашната агрометеоролошка состојба е веќе оценета како негативна.

„Од градинарските култури нешто се расади на отворено, се посеа одредена количина сончоглед и пченка. Останатите култури некако вегетираат. Пролетните култури, гравот, пролетната зелка беа порано расадени на отворено, меѓутоа, во секој случај, не е добра состојбата и веќе ја оценуваме како негативна агрометеоролошка состојба. Поради ваквите временски услови се очекува да доцни почетокот на жетвата на јачменот и на пченицата бидејќи високата релативна влага на воздухот не им дава да се развиваат нормално како што треба.“, вели Ангелески.

Нестабилното време им прави проблеми и на овоштарите и одгледувачите на грозје кои ги вршеа превентивните прскања, но и на сточарите кои вршат косидба на крмни култури.

Секојдневните врнежи создаваат оптимални услови за појава на болести и штетници. Земјоделците треба внимателно да ја следат целата состојба, советите за кога и како да се прска за да можат да спасат барем дел од производството.

Извор: Agrotim.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот