
Андоновски: До крајот на годината ќе биде целосно модернизиран електронскиот систем за управување со документи
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска најави модернизација и редизајнирање на Националниот електронски систем за управување со документи со назив „еДМС“, кој, според него е клучен за дигиталната администрација и функционирањето на јавната управа.
Препорачано
Системот, по неговото пуштање во функција беше користен само од 20 институции и се покажал како нестабилен, несоодветен и без соодветна техничка поддршка и сајбер безбедносни стандарди.
-Кога ја презедовме одговорноста за системот, затекнавме состојба која не одговара на потребите ниту на граѓаните, ниту на институциите. Станува збор за прескап, но дисфункционален систем кој се користи во само 20 институции. Во последните две години немало техничка поддршка, одржување или развој. Не постоеле стандарди за сајбер безбедност и никој не се грижел за безбедноста на системот. Честите прекини и падови го правеле системот нестабилен. Тој се користел исклучиво како електронска писарница, без примена на архивирање или дигитална обработка на документи, појасни Андоновски.
По преземањето на одговорноста за системот, министерството ги презелo првите конкретни мерки, вклучително и донесување нов закон за архивско работење по европски стандарди и спроведување темелни тестови за безбедност.
„Во изминатите месеци преземавме конкретни мерки. Прво, донесовме закон за архивско работење во согласност со стандардите на Европската Унија, кој обврзува администрацијата да работи електронски. За прв пат спроведовме пенетрациски тест на EDMS системот за да ги откриеме и адресираме безбедносните слабости. Утрово ги добивме првичните информации, кои укажуваат на критични забелешки, но тие во голема мера се резултат на неправилно одржување во изминатиот период“, истакна Андоновски.
Андоновски најави дека целта е до крајот на годината системот „еДМС“ да биде целосно функционален, безбеден и интегриран во институциите, со автоматизирана обработка на документи и можност за следење на предмети во реално време, а соопшти дека од 1 октомври оваа година, министерството целосно ќе ги исфрли хартиените документи од своето работење.
Министерот додаде дека во план е вклучување и на нови институции, министерства и јавни претпријатија како корисници на овој систем, со што, како што вели, ќе им биде олеснет пристапот на граѓаните до добивање решенија, сертификати, печати и слично.
„Планираме и вклучување на нови институции, министерства, агенции и јавни претпријатија и во моментов има најави од пет нови. На граѓаните ќе им биде овозможено да го следат статусот на своите предмети во реално време и системот ќе обезбеди целосна електронска обработка, автоматизирано создавање решенија, известувања и сертификати со електронски потписи и печати“, вели Андоновски.
За државата, ова ќе значи усогласување со стандардите на ЕУ и реформската агенда, која предвидува воведување единствен систем за управување со документи во сите државни институции до 2028 година, согласно законот за архивско работење.