Андоновска: Овој Совет досега има дадено најмногу субвенции за ЈСП, а претпријатието прави сѐ поголеми загуби

Според Андоновска засега нема информација за нова седница, ниту барање за нова седница.

За состојбата во ЈСП и за неисплатените плати не е виновен Советот на Град Скопје, туку исклучиво лошото менаџирање на директорот на претпријатието и градоначалникот на Град Скопје, вели координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Марија Андоновска.

Ние се обидуваме да му помогнеме на ЈСП и не само на ова претпријатие, туку и на сите јавни претпријатија. Баравме дури и седница на која ќе се разговара за состојбите во ЈСП, но не само што не добивме одговор на нашите барања туку воопшто не сакаа да разговараат на оваа тема. Постојано се бараат плус средства за ова јавно претпријатие, без отчетност каде се потрошени досега тие пари. Тоа се огромни средства, кои не се пари на Советот, туку на граѓаните, а притоа  ЈСП и понатаму е во најголеми долгови. Овој Совет има најмногу субвенции досега исплатено за јавното сообраќајно претпријатие, секоја година сѐ поголеми, а работите не се подобруваат, се прават сѐ поголеми загуби, што  значи дека не се работи одговорно. Тоа не се однесува само на актуелниот директор, туку и на тие пред него – вели Андоновска во изјава за „Слободен печат“.

Покрај тоа, како што објаснува Андоновска и во ваква ситуација кога претпријатието има тешкотии во работењето, во него има нови вработувања.

Ние како Совет имаме донесено одлуки за нови линии, за продолжување на неколку од постојните, но тие не се спроведуваат. Граѓаните не добиваат подобар превоз, нема автобуси, по два часа чекаат на станици. Значи се трошат огромни средства на ЈСП, има неспроведување на одлуки, нови вработувања и не се знае каде ги трошат парите од субвенциите, а состојбата на ЈСП не се менува на подобро, туку е сѐ полоша, тврди координаторката на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Андоновска засега нема информација за нова седница, ниту барање за нова седница кое може да го поднесе претседателот на Советот Трајко Славески, градоначалничката Данела Арсовска или мнозинство советници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот