Анализирани податоците од тестирањето на мостот „Беласица“: Мостот е во одлична состојба и безбеден за сообраќај, тврдат од Град Скопје

Мост „Беласица“/ Фото: Драган Митрески

На мостот сѐ уште трае монтирањето на цевководот, па додека траат овие активности, објектот нема да биде пуштен целосно во сообраќај.

Мостот е во одлична состојба и е безбеден за сообраќај, тврдат од Град Скопје на прашањето од „Слободен печат“ што е утврдено при спроведеното тестирање на мостот „Беласица“ со оптоварување од над 200 тона, дали неговата состојба е стабилна и дали е безбеден за сообраќај, за што ни по дваесетина дена откако беше спроведено тестирањето немаше никаква информација до јавноста.

Според анализите, утврдено е дека мостот е во одлична состојба и е сигурен и безбеден за сообраќај и движење на граѓаните. Дополнително беше извршена прва фаза на пробно товарење, а во моментов се чека завршување на поставувањето на цевководот за топлинска енергија по што мостот ќе биде пуштен во целосна употреба – одговараат од Град Скопје.

Прецизен одговор кога тоа треба да се случи нема затоа што, како што објаснуваат оттаму, овој сложен процес не зависи од Град Скопје и затворените ленти се поради безбедност на лицата кои работат на поставување на цевководот.

Веќе петти месец по мостот се вози само по две ленти, што создава сериозен метеж во сообраќајот, иако градоначалничката Данела Арсовска уште на почетокот на минатото лето порача дека на објектот нема сериозни оштетувања од пожарот кој избувна ноќта помеѓу 11 и 12 мај и дека му е потребна само „козметичка“ санација.

Информациите околу мостот многу „скржаво“ се споделуваат во јавноста, па така не се знае ниту до каде е и кога ќе заврши монтирањето на топловодните цевки под мостот кое ЕСМ го започна прилично доцна, дури во ноември, откако подолг период се утврдуваше надлежноста и одговорноста меѓу оваа компанија и Град Скопје.

И додека скопјани на самиот почеток на грејната сезона стравуваа дали ќе има проблеми со снабдувањето со парно поради цевководот под „Беласица“ од ЕСМ соопштија дека долго траеле подготовките за поставувањето на цевките, но дека ќе вложат напори процедурата да ја завршат што побрзо.

Поставувањето на новите цевки на мостот „Беласица“ и подготовката за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Очекуваме дека набрзо ќе започнат теренските активности при што ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок – одговорија од компанијата уште во октомври.

ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност

Пред крајот на минатата година, јавното претпријатие „Улици и патишта“ со соопштение ја известија јавноста дека на 24 декември мостот ќе биде целосно затворен за сообраќај во двете насоки, затоа што на него ќе се изведуваат градежни активности. Ги повикаа граѓаните на трпение до завршувањето на градежните работи, но не прецизираа што ќе работат на мостот.

Но наместо градежни активности, на мостот се вршеа премери и тестирање на издржливоста на објектот под оптоварување кое го трпи мостот доколку е целосно исполнет со возила. Па така, на двете ленти во двете насоки беа поставени камиони со вкупен товар од 205 тони. Потоа следуваа анализи на податоците со кои ќе се утврди издржливоста на „Беласица“. Вакви премери и тестирања биле направени и во текот на летото, за кои исто така не стигна никаква информација до јавноста.

Пожарот на мостот се случи во мај, при што беа опожарени топловодните цевки поставени под површината на објектот. Со месеци потоа се правеа проценки кои одеа од тоа дека мостот можеби ќе треба да се сруши затоа што со пожарот се предизвикани оштетувања со кои е нарушена неговата статика, па до тврдењето дека се работи за мали површински напукнувања за кои ќе е доволна само козметичка санација. Но, до денеска не се утврди кој е виновен за опожарувањето.

Од исклучителна важност е надлежните институции да постапат и да ги најдат сторителите што извршија палење на мостот – порачаа денеска повторно од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот