Илустрација „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

„Ало докторе” – граѓаните плаќаат милиони за службени мобилни телефони во јавното здравство

Граѓаните плаќаат милиони денари кумулативно за службените мобилни телефони и претплати за нив во јавните здравствени установи, болниците и здравствените домови ширум државата, но ги покриваат и сметките за мобилна телефонија на Заедничките служби што ги опслужуваат клиниките при Клинички центар „Мајка Тереза” со базични услуги. „Слободен печат“ ги анализираше склучените договори за мобилна телефонија од почетокот на годинава до денеска, а кои се однесуваат на различни установи што опслужуваат пациенти.

Меѓу нив светол пример претставува Клиниката за урологија, која се откажа од субвенциите за обезбедување нови мобилни телефони и со парите вработените купија климатизери за потребите на болницата, кои ќе ги користат и вработените, но и пациентите. Наместо субвенции од половина милион денари, со тие пари вработените купија две машини за перење облека и 18 клима-уреди за Клиниката за урологија.

Во другите јавно-здравствени установи набавката на претплатнички мобилни линии и апарати продолжува најчесто со двегодишни јавни набавки. Разликите меѓу набавениот број на линии и вредноста на секоја од нив, варира од клиника до клиника. Во некои јавно-здравствени установи има една линија која е најскапа и најверојатно е наменета за директорот, неколку линии од помал пакет со понизок паричен износ, но и десетици мобилни линии коишто се наменети за останатиот дел од персоналот. Институтот за трансфузиона медицина освен мобилна телефонија и интернет, набавува и 10 претплати за интерактивна телевизија. Нашите извори од Институтот тврдат дека се работи за телевизиски пакети со канали што не се наменети за вработените, туку за крводарителите, кои гледаат телевизија додека даруваат крв. За мобилни, интернет и телевизија Институтот за трансфузиона медицина има склучено договор до најмногу 3 милиони 186 илјади денари со ДДВ за период од 2 години. Од увидот во договорот „Слободен печат“ дојде до сознанието дека во него се предвидени најмалку 20 броеви со претплатничка линија од 1.500 денари, минимум 26 линии со месечна претплата од 699 денари и најмалку 53 линии со месечна претплата од 465 денари. Со секој од овие пакети следува и субвенција за набавка на нов мобилен апарат која за најскапиот тарифен пакет е речиси 30.000 денари.

Иако Заеднички служби се должници кон субјекти, како на пример – должат 175 илјади евра кон фирмата што управува со руинираната пералница при Клинички центар „Скопстер“, сепак тендерите за мобилна телефонија се нешто од што оваа јавно-здравствена установа не се откажува.

Според договорот што е објавен на страницата на Бирото за јавни набавки за мобилна телефонија во мај годинава, Заеднички служби склучиле рамковна спогодба за услуги во мобилната телефонија за своите, но и за потребите на Клиниката за максилофацијална хирургија при Клинички центар „Мајка Тереза“ со максимална вредност од 36 илјади евра. Рамковната спогодба е во времетраење од две години, а максималниот број на линии што може да се исцрпат со спогодбата е 106 претплатнички линии. Во рамковната спогодба за телефонските линии што ќе ги користат вработените во Заеднички служби при Клинички центар како и вработените во Клиниката за максилофацијална хирургија е наведено дека има 4 видови на пакети за корисниците што ќе ги добијат претплатничките линии. Вкупно 39 претплатнички линии се предвидени по месечна цена од 465 денари, 53 мобилни линии се предвидени да се плаќаат по 800 денари месечно, 13 претплатнички линии со цена од 1260 денари месечно и една мобилна линија со месечна претплата до 2.200 денари за еден месец.

На Клиниката за дерматологија, склучениот договор за набавка на мобилна телефонија е поскромен, со минимум 13 телефонски линии по цена од најмногу 212 илјади денари. Првиот пакет што ќе се користи од вработените на клиниката е за 2 линии со износ од 325 денари месечно, вториот пакет е за 500 денари месечно за 5 линии, а третиот пакет е по цена од 700 денари месечно за 6 мобилни телефонски линии.

Клиниката за физикална медицина и рехабилитација има договор за максимално да искористи 885 илјади денари со ДДВ за минимум 22 претплатнички линии. Клиниката за психијатрија на 1 јули 2025 склучила договор за мобилна телефонија за период од 2 години и за овој период сумата не смее да надмине 1 милион денари. Тетовската Клиничка болница за најмногу 700 илјади денари склучила договор со мобилен оператор за наредните 2 години. Во овие пари влегуваат 50 мобилни претплатнички линии поделени во 4 пакети (5 линии со претплата до 275 денари, 44 линии со претплата од 495 денари и една линија со претплата до 1620 денари.

Државна Неврохирургија во двегодишниот договор за набавка на услуги за мобилна телефонија набавува најмногу до 65 мобилни претплатнички линии. Од нив 56 се со месечна претплата до 350 денари, 7 линии се до 700 денари месечна претплата,  една линија е со месечна претплата до 1.000 денари и една од 1250 денари месечно.

Интересно за сите овие договори е тоа што во сите нив има клаузула којашто забранува мобилните линии да им се препродаваат на други лица и задолжително е да останат во рамките на институцијата што се опслужува.

Здравствен дом Скопје во склучениот договор за мобилна телефонија предвидел за 2 години да се потрошат најмногу 3 милиони 776 илјади денари или близу 60 илјади евра. Во договорот се предвидени најмалку 72 мобилни линии до 1.400 денари, 30 мобилни претплатнички линии до 650 денари месечно, 2 линии до 2.600 денари месечно и 28 линии со претплата до 200 денари.

Здравствен дом Радовиш пак многу поскромно ќе ги помине наредните две години во поглед на фиксната и мобилната телефонија и интернетот за кои предвидел најмногу 401 илјади денари.

Директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, колоквијално позната како „Геријатрија“ Мухсин Арифи, кој сега е обвинет за примање поткуп за да смести неподвижна пациентка, пред  крајот на минатата година склучил договор за мобилна телефонија на оваа јавно-здравствена установа за две години со минимум 241 претплатнички линии. Од нив 226 линии се со претплата од 480 денари, 12 линии од 1650 денари и 3 линии од 1750 денари.

Општата болница Велес за две години планира да потроши најмногу 375 илјади денари според договорот за јавна набавка.

Овие договори за јавни набавки се однесуваат само на некои од болниците, клиниките и јавните здравствени установи во земјава. Претплати за мобилна телефонија има во речиси сите сектори на јавната и државната администрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот