Алијансата расте, но расте и притисокот врз неа

НАТО знамиња / Фото: Janine Schmitz / imago stock&people / Profimedia

Некои предизвици за НАТО остануваат исти како оние од самиот почеток. Актуелните проблеми засега остануваат нерешени. Главниот непријател останува Русија, која со својата агресија врз Украина успеа да ја расони, потврдувајќи дека војните на европска почва сè уште се реалност.

НАТО ја прослави 75-годишнината од формирањето со дводневен состанок во Брисел на шефовите на дипломатиите на земјите членки. Алијансата се соочуваше со многубројни пречки низ годините наназад, а допрва ја чекаат уште еден куп предизвици.

Поминаа 75 години, а некои проблеми за НАТО остануваат исти како оние од самиот почеток. Актуелните проблеми засега остануваат нерешени. Главниот непријател останува Русија, која со својата агресија врз Украина успеа да ја расони Алијансата, потврдувајќи дека војните на европска почва сè уште се реалност.

Рускиот претседател Владимир Путин уште во раните 2000-ти години предупредуваше дека НАТО не треба да се проширува на териториите на поранешната советска сфера на влијание, што му беше претходно ветено на Советскиот Сојуз во 90-тите години на минатиот век. Но, работите завршија поинаку. Естонија, Литванија, Летонија, кои се граничат со Русија, од 2004 година се членки на Алијансата. И покрај тогашните негодувања на Русија, ударот што НАТО ѝ го зададе лани и годинава, е поголем од оние во 2004 година. Некогаш неутралните скандинавски земји – Финска (2023 година) и Шведска (2024 година) – беа примени во Алијансата, а како причина се наведува сè поголемата руска закана поради ескалацијата на конфликтот во Украина.

Заедничка поддршка за Украина

Можното враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на власт во САД ја загрижи Алијансата околу идната поддршка за Украина.

Петгодишниот пакет воена помош за Украина од 100 милијарди евра, кој би обезбедил поддршка за Киев во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа е една од примарните цели на НАТО. Се планира НАТО да преземе дел од координациите од коалицијата предводена од САД, позната како Рамштајн група, која обединува околу педесет земји.

Неизвесно е и како евентуалната победа на Трамп на претседателските избори би се одразила на функционирањето на Алијансата. Камил Гранд, соработник на Европскиот совет за надворешни работи, смета дека најголемиот ризик е тоа што Трамп е „прилично непредвидлив“.

Трамп / ЕПА

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претходно потврди дека е постигнат договор за потребата од зајакнување на улогата на Алијансата во поддршката на Украина, но дека конечната одлука се очекува на Самитот на НАТО во јули во Вашингтон.

Генералниот секретар на Алијансата вели дека не е прашање дали, туку кога Украина ќе стане членка на Алијансата. Москва, пак, вели Столтенберг, мора да сфати дека нема да ги постигне своите цели на бојното поле.

Столтенберг на одбележувањето на 75-годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор изјави дека верува во единството на Европа и САД.

– На Европа ѝ се потребни САД заради нејзината безбедност. Праведно споделување на тежината е од решавачко значење. Европа троши повеќе, а оваа година повеќето сојузници ќе потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана. На Северна Америка ѝ е потребна Европа. Со НАТО, САД имаат повеќе пријатели и сојузници од која било друга голема сила. Не верувам во самостојноста ниту на САД, ниту на Европа – додаде Столтенберг на церемонијата во седиштето на Алијансата во Брисел.

Тој додаде дека НАТО денес е пообединет од кога било.

– Помогнавме да се шири мирот, демократијата и напредокот во Европа. Од 12 земји основачи, денес пактот го сочинуваат 32 сојузници. Се чини дека постапуваме правилно – истакна Столтенберг во својот свечен говор.

Потрага по наследникот на Столтенберг

Состанокот на НАТО се одржува во време кога Алијансата бара наследник на Јенс Столтенберг, кој на таа позиција е речиси десет години. Холандскиот премиер Марк Руте има поддршка од околу 90 отсто од членовите, но се соочува со противењето на Унгарија и со кандидатурата на романскиот претседател Клаус Јоханис.

Естонската премиерка Каја Калас е, исто така, едно од имињата што се споменуваат во трката за следен шеф на НАТО. Калас наводно ужива поголема поддршка од Руте, со што може да стане првата жена која некогаш станала прв човек на алијансата. Калас е гласен противник на руската агресија над Украина, по што Москва возврати со налог за апсење на естонската премиерка.

Каја Калас / Фото EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Уште едно име кое се споменува – Кришјанис Каринш, министерот за надворешни работи на Литванија, но тој во моментов се чини дека е на трето место во трката.

Реакции од Москва

Москва тврди дека нема место за НАТО во мултиполарниот свет, но дека тој ќе продолжи да биде во фокусот на руското внимание.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, вели дека НАТО моментно „се вратил во условите на Студената војна“ во однос на Русија.

– Во нивната доктрина, нашата земја е прогласена, цитирам, „најзначајна директна закана“. Тие активно работат на зајакнување на воениот потенцијал на источното крило. Историјата на Алијансата е полна со агресивни авантури кои доведоа до војни и уништување на многу земји во име на просперитетот на таканаречената „златна милијарда“ со нејзините сомнителни вредности – посочи Захарова.

Иако засега крајот на војната во Украина не изгледа блиску, улогата на НАТО за можен мир останува да биде клучна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот