Алијанса на Албанците од Струга ги осуди проблемите во образованието во општината

Алијанса на Албанците/ Фото: Архива на Слободен печат

Струшкиот огранок на Алијанса на Албанците на почетокот на новата учебна година ги осуди проблемите и негативните феномени во основното и средното образование во општина Струга, кои влијаат на успехот во образовниот процес и воспитувањето на децата.

Претседателот на огранокот Лулзим Насуфи денеска на прес-конференција забележа дека не била направена ниту една капитална инвестиција во објекти и инвентар за развојот и подобрувањето на нивото на образованието во општина Струга.

– Ништо од дигитализацијата на основното и средното образование, за која толку многу зборува министерот за образование и наука. Проблеми во транспортот на учениците, во снабдувањето на учениците со учебници и наставни текстови, со греење на училишните објекти…., истакна Насуфи.

Тој забележа и на партиски несоодветни вработувања на наставници и незаконско именување на директори во општинските училишта, неопремување на училишните лаборатории и спортските сали во училиштата…

– Поради ова, АА – огранок Струга, бара од министерот за образование и наука, да обезбеди финансиски средства за подобрување и средување на состојбата на општинските училишта во Струга, а не да се рекламира со сработеното во училиштата надвор од општината. Министерот заедно со градоначалникот, нека почнат со размислување за примена на целодневнa настава за деца од основните училишта за подобрување на успехот на учениците, нека извршат систематизација на бројот на ученици по паралелки во општинските училишта и нека го средуваат бројот на вработените во училиштата, рече Насуфи.

Побара од струшкиот градоначалник буџетот предвиден за ручеци да го стави на минимум, а средствата да ги пренасочи во креирање фонд за наградување на одлични и примерни ученици и наставници во сите основни и средни училишта.

– Му предлагаме овој буџет да го стави во функција на основање на фонд за помош за елементарните трошоци на учениците од прво одделение по 2.000 денари, да основа Младинска академија во Струга за подигање на нивото на активности за младинци во образование, спорт, култура, социјални активности, а секоја година во општинските јавни институции да вработи по 10 одлични и успешни студенти без политички да ги условува како што е досегашната пракса за струшката младина со вработување на кадри од неговиот универзитет, најчесто некомпетентни за работата, истакна Насуфи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот