Али Баба и 40.000 административци

Македонија ќе се чисти. Од армија државни чиновници. Ова го изјави министерот за администрација и компјутери. Административците ќе се придружат на доброволците од „Не биди ѓубре“ и ќе чистат барабар со нив. Пребарувачите на интернет ми потврдија дека оваа вест е вистинска и дека не се работи за никаков кромид. Подоцна имаше и на ТВ, а јас и понатаму сум со вилицава спуштена како на гимназијалец пред билборд за хулахопки и не можам да верувам дека некои мои утопистички предвидувања почнуваат да се остваруваат.

Супер е приказната дека четириесет илјади души ќе чистат и дека дента нема да бидат директори и инспектори, туку организирана работна сила која ќе ја измие Македонија барем под мишки. Секој од нив да исчисти минимум по сто квадрати (квадрат од десет на десет метри!) па ќе дојдеме до завидна површина од 4 милиони квадратни метри. Ако ова го преведеме во некоја мерлива величина ќе видиме дека тоа е површина на 8 градски парка, заедно со патеките на кеј. Фантастична работа. На прв поглед.

На втор поглед, четириесет илјади души претставуваат сериозна армија, која како и секоја армија треба да е некако организирана. Армија народ си бара цела една полковнија за поддршка. Тоа најдобро го знаат припадниците на Министерството за одбрана, и само кај нив веројатно може да се направи една ваква организација на возрасно граѓанство по теркот на некогашната „Сите во одбрана и заштита – СВОЗ“.

Тие се единствените доволно обучени за организација и за распоред, а може да се справат со прашањата од типот: кој ќе ги дочека административците и каде? Како ќе дојдат до местото за чистење? Ќе има ли алат и ракавици и ќе се знае ли кој и што поточно работи, ќе мете или ќе собира? Дали ќе се собира и шут и како? Кој ќе го дистрибуира алатот и од каде? Колку кеси се планирани да се искористат? Колку камиони ќе бидат употребени и кој ќе се грижи за утовар и растовар на собраното ѓубре? Дали ѓубрето ќе се сортира? Ќе има ли вода и тоалети на локациите?

А локациите се посебен проблем. Освен што треба да се валкани, треба и да се достапни за просечен административец упатен да ги исчисти. Затоа, логично ми доаѓа да се запрашам: дали, пред пресот на министерот, некој воопшто мапирал четири милиони квадрати со ѓубре натрупано земјиште? Ако никој не го направил тоа, тогаш подобро да се премести акцијава за некој друг викенд, бидејќи не верувам дека сегашнава, волку ефикасна администрација ќе се намачи за само две недели да подготви огромен терен кој потоа самата треба да го исчисти. А, и како ќе се прераспредели цела таа армија на повеќе локации, но и повеќе градови во Републикава?

А одлично е да имаме по еден ден во кој сите граѓани ќе чистат. Па, да видиме како секој ќе си го светне маалото или градот. Па, како во некоја комунистичка пасторала да имаме програма во живо и јавувања за успесите на нашиот работен народ кој се грижи за својата земја. Па да имаме и позитивни херои, некој нов Алија Сиротановиќ, кој за едно претпладне ќе сам ќе утовари осум вагона ѓубре. Одлично би било да ја славиме чистотата.

Ама едноставно не е фер една голема група административни работници да си го папаат поради една помала група нивни колеги кои се потрудиле хигиената на државата да ја доведат до овој степен. Ние сме до овој степен затоа што една мала група луѓе не си ја врши професионално својата работа, а една друга (верувам не голема) невоспитана група луѓе ја искористува таа ситуација. Навистина е глупаво за тоа да плаќа тетка Ленче од „кадрово“, наместо вистинските виновници кои не се ни во куќен притвор.

Проблемот со ѓубрето е проблем на системот кој е извалкан до својот последен лагер. Потребно е темелно чистење со сите расположливи средства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот