Албанскиот претседател: Албанците се фактор за стабилност во регионот, среќни празници

Бајрам Бегај фото МИА

Албанскиот претседател Бајрам Бегај им ја честиташе Новата 2023 година на сите Албанци во и надвор од државата и порача дека ќе продолжи доследно да ја врши својата должност, за да се слушне гласот на секој граѓанин на Албанија.

„Драги сестри и браќа од една крв, еден јазик, една татковина и еден народ! Дозволете ми да ви посакам среќна и бериќетна Нова година за вас и вашите најблиски! Здравје и просперитет за сите Албанци во Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Прешевската долина, за Арберешите и за Албанците насекаде во светот. Ви порачувам, како што и ветив кога ја презедов функцијата, ја извршувам и ќе ја извршувам должноста, гласот на секој граѓанин на Албанија, вашиот глас да биде слушнат. Никој не треба да се чувствува изоставен, напуштен, повреден во можноста да биде конкурентен со кој било и секаде, порача меѓу другото Бегај.

Тој директно се обраќа и до Албанците од регионот.

„Почитувани Албанци од регионот! Мора да бидеме свесни за нашата незаменлива улога како фактор на стабилност и безбедност во просторот каде што живееме. Мора да заврши сериозната и неподнослива ситуација создадена на северот на Косово. Провокациите и јазикот на заканите не се јазикот на кој може да се зборува, само дијалогот и почитувањето на интегритетот на Република Косово се единствениот начин за решавање на проблемите. Албанија ќе продолжи да го поддржува Косово на патот на евроатлантската интеграција, за што поскоро негово членство во НАТО и во Европската Унија, наведува тој.

Во новогодишна порака, пак премиерот Еди Рама, најпрво им се извинува на албанските граѓани „ако претерал или ако не зборувал како што треба”, ги набројува успесите но и проблемите во 2022 и им порачува дека „под ова небо има време за се”.

„Под ова небо има време за сè и сезона за секоја акција: време за раѓање и време за умирање, време за убивање и време за лекување, време за рушење и време за градење, време за жалење и време за смеење, време за жалење и време за танцување, време за прегрнување и време да се воздржиш од прегратки, време за инсистирање и време за откажување, време за молчење и време за зборување, време за љубов и време за мразење, време за војна и време за мир. Нека Новата година биде време на мир, љубов и смеа за вас, вашето семејство и пријателите! Господ да ја благослови Албанија!, порача Рама.

Инаку, новогодишната ноќ граѓаните и илјадниците иселеници главно ја мина во своите домови но на полноќ тие масовно присуствуваа на огнометите во центрите на градовите.

Највеличествен огномет имаше во Тирана на плоштадот „Скендербег” каде на новогодишниот концерт присуствува и туристи, главно од соседните земји.

Традиционално се обрати градоначалникот на Тирана, Ерион Велај, кој посакувајќи среќна и бериќетна година, рече дека метрополата ја завршува 2022 година како европска престолнина на младите, додека 2023 година ја започнува како европски град на спортот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот