Алармантна ситуација: Поради едно маче, на седум милиони луѓе им се заканува смртоносен вирус

Фото: Pexesl / Crina Doltu

Кога го вдомиле мачето, Медлин Вол и нејзиното семејство од Омаха немале поим дека поради него, здравјето и животот на милиони луѓе ќе бидат загрозени.

Мачето го крстиле Стенли, имало околу пет недели и тежело едвај еден килограм кога пристигнало во домот на Вол. Но, по два дена престанало да јаде, имало напади, а во еден момент дури и го оживувале. Ветеринарот забележал дека зениците на мачето се со различна големина, но не бил сигурен дали се работи за беснило. Стенли угинал следниот ден.

Резултатите од тестот кои пристигнале по 48 часа, потврдиле дека Стенли имал беснило. Меѓутоа, алармантно е дека генетското секвенционирање покажало дека мачето имало вирус на беснило вообичаен за ракуни кој никогаш не бил откриен западно од Апалачките планини. Сега се поставува прашањето како вирусот го поминал растојанието од 1.400 километри од местото каде вообичаено циркулира овој тип на вирус на беснило, пишува „Вашингтон пост“.

„Мојата прва мисла беше дека тоа мора да е грешка“, рекол Рајан Валас, кој го води тимот за епидемиологија на беснило во Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

ЦДЦ проценува дека вирусот би се ширел во концентрични кругови од 39 километри годишно, така што вирусот на беснило би зафатил уште неколку околни сојузни држави, изложувајќи на ризик дури седум милиони жители.

Повеќе од десетина биолози за диви животни пристигнале во Омаха од осум држави, со приколки полни со вакцини против беснило, стапици, галони масло од анасон и кутии со бел слез – за да ги намамат, фатат и вакцинираат ракуни со надеж дека ќе го запрат ширењето на смртоносниот вирус.

Десетина луѓе кои биле во контакт со мачето кое ги изгребало или гризнало ќе примат, исто така, четири дози од вакцината против беснило.

„Никогаш не сме имале ваква алармантна ситуација“, рекол Ричард Чипман, координатор на националната програма за беснило на Министерството за земјоделство на САД.

Беснилото е предизвикано од вирус кој го инфицира централниот нервен систем на цицачите и на луѓето, а речиси секогаш е смртоносен ако не се лекува. Вирусот што го убил Стенли, лесно се пренесува меѓу ракуните, животни кои ги обиколуваат дворовите, кантите за ѓубре и полињата, каде што исто така можат да дојдат во контакт со луѓе.

„Ако успееме да тестираме 500 животни во текот на следните неколку месеци преку оваа програма за надзор и сите тие се негативни, тогаш веројатно нема ширење во локалните диви животни. Нема да знаеме со сигурност до февруари“, рекол Валас.

Останува нејасно како Стенли се заразил. Една од можностите е дека вирусот стигнал во областа Омаха без знаење на властите и дека диво животно го каснало мачето. Но, поверојатно е, рекле официјалните лица, дека мачето или неговата мајка биле каснати и заразени од ракун во југоисточниот дел на Соединетите Држави, каде што вирусот е генетски најсличен на оној пронајден во Стенли. Потоа, мачето или неговата мајка некако стигнале до Омаха.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот