Алаѓозовски на средба со претставници на турската заедница: Пописот е важна алка во гарантирање на правичната застапеност

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска оствари средба со претставници на турската етничка заедница во Северна Македонија. Фокусот на средбата беше важноста од спроведување на успешен попис, во контекст на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот присуствуваа заменик-министерот за политички систем и односи со заедниците Илхан Рахман, заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим, пратениците Енес Ибраим и Бејџан Илијас, Јусуф Хасани, поранешен пратеник, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Еран Куртуш, како и претставници на граѓанските здруженија, односно Устреф Емин претседател на Сојузот на турски невладини организации, Халил Абдулах, претседател на културно-уметничкото друштво „Јени Јол” и Шахпаз Молалиев од „Хид Бах Шен Фест Чалакли” од Валандово. На состанокот присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

– Присутните беа едногласни за важноста од спроведување на оваа најмасовна статистичка операција во нашата држава. Тие се осврнаа на потребата од релевантни податоци за креирање долгорочни политики, како на централно, така и на локално ниво. Исто така, беше подвлечено значењето од спроведување успешен попис и за професионално функционирање на граѓанските здруженија, наведува прес-службата на Владата.

Според националниот координатор Алаѓозовски, податоците добиени од пописот ќе помогнат и за соодветна имплементација на Стратегијата за едно општество, а особено за гарантирање на правичната застапеност на немнозинските заедници.

При креирањето на политики мора да бидат земени предвид спецификите на сите етнички заедници во нашата држава, а тие политики мора да се базираат на податоци добиени од пописот.

На средбата беа отворени неколку прашања поврзани со спроведувањето на пописот, можноста при попишувањето да се користат јазиците на кои зборуваат немнозинските заедници, како и правичната застапеност помеѓу попишувачите на терен.

Претставничката на ДЗС, Ѓоргиева, како што е наведено во соопштението, информираше дека секој ќе има право да биде попишан на еден од седумте јазици предвидени со Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.

– Заклучокот на средбата беше дека за да имаме успешен попис неопходна ќе биде вклученост на сите. Согласно своите надлежности секој треба да помогне во градење на доверба кон процесот, јакнење на свеста за неговата важност, како и вклучување во конкретната активност, односно попишувањето на терен, информира владината прес-служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот