Ако Русија заврши како СССР, пострашен деспотизам ќе дојде на прагот на Европа

Русија / Фото SERGEI KOMPAIYCHENKO / AFP / Profimedia

Со евентуалната дезинтеграција на Русија, источните региони би биле сателити на Кина, заедно со своите суровини и воениот капацитет, со што целосно би се нарушил балансот што гарантира стабилност во Централна Азија. Никаков напор од Западот нема да успее да спречи таков пресврт, а Кина ќе почне да продира кон Европа, тврди Ходорковски

Своевремено најбогатиот човек во Русија, а потоа политички затвореник и дисидент, Михаил Ходорковски, ја отфрла хипотезата на унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос и на Јануш Бугајски дека Русија ќе се распадне исто како Советскиот Сојуз, ако ја изгуби војната во Украина.

Ходорковски, поранешен директор на нафтениот гигант „Јукос“ забележува дека воопшто не е нова идејата: „за сите би било подобро ако ја нема Русија“, но додава дека таа е ограничена на соседите што се граничат со Руската Федерација и кои со децении, па и со векови, се чувствуваат загрозени од нејзината воена моќ, што е особено изразено по неиспровоцираната инвазија врз Украина.

Ходорковски притоа посочува на неодамнешната колумна „Ползата од очекуваното распаѓање на Русија“ на Јануш Бугајски за порталот „Политико“, во која влијателниот политички аналитичар тврди дека „Западните лидери не се спремни да се соочат со неизбежниот колапс на Руската Федерација“.

– Наместо да кројат планови како да капитализираат од распаѓањето на руската империја, западните лидери се заглавени во одамна помината ера и веруваат дека можат да ја задржат Русија и да се вратат во позицијата по крајот на Студената војна. Некои дури и ѝ нудат на Москва безбедносни гаранции дека Русија ќе остане недопрена – пишува Бугајски.

Јануш Бугајски, американски политички аналитичар од фондацијата Џејмстаун – Фотографија Википедија

Со сличен став во четвртокот се огласи и финансиерот Сорос на Минхенската конференција за безбедност.

– Земјите од поранешниот СССР едвај чекаат да ги видат Русите поразени во Украина, зашто и тие сакаат независност. Тоа значи дека победата на Украина ќе резултира со распаѓање на Руската империја. Русија повеќе нема да биде закана за Европа и за светот. Тоа ќе биде голема промена на подобро – оцени Сорос.

Џорџ Сорос/ Фото EPA/OLIVIER HOSLET / POOL

Ходорковски забележува дека ваквите хипотези се израз на желбите на нивните автори или евентуално обид да се отвори поширока дискусија, која би помогнала при планирањето на идните акции.

– Западот ќе мора самиот да реши дали да ги поддржи силите што се залагаат за зачувување на Русија во рамките на нејзините меѓународно признаени граници, барем во границите што нема да ги опфаќаат териториите што ќе изберат самите да продолжат по својот историски пат, главно кавкаските републики, или дали да ги поддржат оние што се залагаат за создавање неколку независни држави на руска територија. Се чини дека денес второто сценарио има многу поддржувачи, не само во Украина, туку и во земјите што се граничат со Русија и се плашат дека ќе бидат следни жртви на агресија. Таквата идеја има поддржувачи дури и меѓу руската демократска опозиција. Одговорите на ова и на многу други прашања за иднината на Руската Федерација зависи од овој фундаментален избор. Има многумина на кои им се чини дека светот ќе биде побезбеден и подобар ако Русија ја снајде судбината на СССР. Јас категорично сум против овој став – вели Ходорковски.

Михаил Ходорковски/ Фото EPA-EFE/JUSTIN LANE

Рускиот олигарх што дојде во немилост на Кремљ вели дека евентуалното распаѓање на Русија нема да го направи животот полесен, особено не во Западниот свет.

– Со евентуалната дезинтеграција на Русија, источните региони на земјата практично би биле проколнати да бидат сателити на Кина, заедно со своите суровини и воениот капацитет, со што целосно би се нарушил балансот што гарантира стабилност во Централна Азија. Никаков напор од Западот нема да успее да спречи таков пресврт, а Кина ќе почне да продира кон Европа, барем до Урал – тврди Ходорковски.

Тој додава дека горчливо ќе се разочараат оние што сметаат дека „диктатурата“ на кинескиот лидер Сји Ѓинпинг е подемократска и е помала закана од онаа на рускиот претседател Владимир Путин.

– Голем дел од Евроазија веројатно ќе заврши под старовремски тоталитарен деспотизам, додека Западот ќе се најде лице в лице со многу посилна Кина, практично на сопствениот праг – наведува Михаил Ходорковски.

Тој додава дека е малку веројатно мирно да помине распаѓањето на Русија, со толку комплексно политичко-културно ткиво и со толку многу етнички и верски групи. Моделот на разединувањето на Чехословачка е апсолутно невозможен.

– Тоа би значело дека при евентуално распаѓање на Русија, би имале многу псевдодржави што се држат за гуша, обидувајќи се да го разграбаат и да го приватизираат нуклеарните проектили и другиот арсенал. Тоа нема да го направи светот побезбеден – предупредува Ходорковски.

Затоа тој тврди дека Русија треба да остане обединета земја во актуелните граници, иако се можни „прагматични решенија за територии што во никој случај не сакаат да бидат дел од таква творба“.

– Единственото што Русија може да биде е федерација. Таа никогаш не била цела, ни под царевите ни под Советите ни по нив ни по Путин. Таа треба да остане обединета, но децентрализирана. Потребно е да се трансформира од претседателска во парламентарна република, која е единствениот начин за да се заштитат политичките интереси на разните групи и да се изаоѓа решение што би било од полза за сите – вели Михаил Ходорковски.

Сорос за Кина: Сји нема да владее доживотно

Финансиерот Сорос тврди дека стратегијата „нула ковид“ ја разнишала довербата на Кинезите во комунистичките власти и го разнишала авторитетот на лидерот Сји Ѓинпинг.

– Сегашната ситуација ги исполнува условите за промена на режимот или за револуција. Но, тоа е само почеток на маглив процес, чии последици ќе се чувствуваат долго време. Позицијата на Сји засега е безбедна, но убеден сим дека тој нема да владее до крајот на својот живот и дека сѐ додека тој е на власт нема да ја оствари целта Кина да стане доминантна воена и политичка глобална сила – оцени Сорос на Минхенската конференција за безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот