АХВ: Не јадете сосови и мајонез, растат температурите, се зголемува ризикот за труење со храна

Фото: Слободен печат

Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Високите температури најавени неделава се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини храна и вода за пиење.

За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди- велат од Агенцијата за храна.

Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето- се вели во соопштението на АХВ.

За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.

Доколку по подготвувањето, храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува- препорачува АХВ.

Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично- велат во АХВ.

Сопствениците на домашни миленици мора да се придржуваат на неколку правила за да спречат несакани последици од топлотен удар. Милениците да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот