Ахмети ќе стане почесен граѓанин на Призрен, цела ДУИ на пат кон Косово

Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети, Фејсбук

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска ќе биде прогласен за почесен граѓанин на Призрен, Косово а на церемонијата организирана од призренскиот градоначалник Шаќир Тотај, друштво на Ахмети ќе му прават техничкиот премиер Талат Џафери, вицепремиерот за политички систем Артан Груби, најавен е и претседателскиот кандидат Бујар Османи, како и повеќе функционери на ДУИ.

Според информациите, Џафери во Призрен е поканет во својство на функционер на ДУИ и затоа за посетата на Косово нема официјална известување од Владата.

Предвидено е Ахмети и функционерите од ДУИ да се сретнат со градоначалникот на Призрен.

Титулата почесен граѓанин на Призрен ќе му биде доделена на лидерот на ДУИ откако Советот на косовската општина донел таква одлука пред неколку дена.

Ахмети и делегацијата од ДУИ ќе го посетат и музејот на Призренската лига.

Од ДУИ велат дека титулата почесен граѓанин на косовската општина, Ахмети ја добива поради заслугите бидејќи штабот на УЧК бил во Призрен.

Ахмети, лани во декември беше прогласен за почесен граѓанин на градот Тропоја во Албанија. Признанието на Ахмети тогаш му беше доделено за неговата „блескава кариера, како борец за Албанците, особено во Македонија и Косово“.

Тогаш беше кажано дека Ахмети многу придонел за политичката и воена борба на Албанците во Косово, Прешевската Долина и во Македонија.

-Во Македонија тој повеќе од 20 години има блескава политичка кариера и постојано реди победи – беше речено на свеченоста.

Во своето обраќање Ахмети рече дека кога ја започнал својата национална активност, заедно со пријателите по ум и срце, само една мисла го водела: „Да ги видиме Албанците слободни, да живееме достоинствено во нашите земји и заедно да го зацртаме патот на напредокот со тие свети национални вредности и со јазикот“.

Ахмети токму од Тропоја изјави дека на 28 јануари 2024 година Македонија првпат ќе добие премиер Албанец и дека тоа е договор со коалицискиот партнер СДСМ, партија со која успешно ја предводат државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот