Тејлор Свифт, Били Ајлиш и Мајли Сајрус / Фото: EPA

66. издание на наградите Греми: Тејлор Свифт, Били Ајлиш и Мајли Сајрус ја одбележаа вечерта

Свифт стана музичар со најмногу победи во категоријата албум на годината, освојувајќи ја четвртата статуетка за „Midnights“.

Наградите Греми претставуваат најпрестижно признание во светот на музиката, а годинашното доделување на статуетките, кое се одржа во неделата, го одбележаа неколку историски победи и извонредни изведби на музиката што остави свој печат во 2023 година.

Како и секоја година, со нетрпение се очекуваше кои ќе бидат добитниците во четирите главни категории – албум на годината, песна на годината, запис на годината и најдобар нов изведувач.

Четврта статуетка за Свифт за албум на годината

Пејачката Тејлор Свифт испиша историја на доделувањето на Греми и стана музичар со најмногу победи во категоријата албум на годината. Имено, таа вчера ја освои четвртата статуетка за нејзиниот албум „Midnights“. Претходно, оваа награда ја доби за албумот „Fearless“ во 2009 година, за „1989“ во 2015 година и за „Folklore“ во 2021 година.

Откако ѝ беше доделена наградата, Свифт изјави: „Би сакала да кажам дека ова ми е најдобриот момент во мојот живот, но вака среќно се чувствувам и кога создавам нова песна. Работата е вистинска награда за мене. Сè што сакам е и понатаму да можам да го правам тоа што го сакам. Тоа ме прави многу среќна“.

На голема среќа на нејзините обожаватели, Свифт најави дека нејзиниот претстоен 11-ти студиски албум „The Tortured Poets“ ќе излезе во април.

Свифт имаше шест номинации на наградите Греми – албум на годината („Midnights“), поп вокален албум („Midnights“), песна на годината („Anti-Hero“), запис на годината („Anti-Hero“), поп соло изведба („Anti-Hero“) и поп изведба на дуо/група („Karma“ со Ајс Спајс). Таа победи и во категоријата за најдобар поп вокален албум, исто така за „Midnights“.

Фото: Valerie Macon / AFP / Profimedia

Статуетка за феминистичката химна

Филмот „Барби“ („Barbie“) ја одбележа поп културата во 2023 година, а песните од саундтракот успешно ја пренесоа феминистичката порака на ова кинематографско остварување на режисерката Грета Гервиг.

За потребите на овој филм, пејачката Били Ајлиш и нејзиниот брат Финијас О’Конел ја напишаа моќната балада „What Was I Made For?“, а статуетката за најдобра песна на годината отиде во нивни раце.

– Би сакала да кажам дека меѓу номинираните во оваа категорија имаше неверојатни луѓе, неверојатни артисти и неверојатна музика. Во моментов, јас се чувствувам прилично лудо. Навистина не знам што да кажам, јас сум шокирана. Им благодарам на членовите на Националната академија. Исто така, сакам да му се заблагодарам на мојот брат, кој ми е најдобар пријател на овој свет и со негова помош станав она што сум денес. Би сакала да ѝ се заблагодарам на Грета Гервиг за тоа што го направи најдобриот филм на годината – изјави Ајлиш откако ѝ беше предадена наградата.

Покрај нив, во оваа категорија беа номинирани и Тејлор Свифт („Anti-Hero“), Сиза („Kill Bill“), Лана Дел Реј („A&W“), Мајли Сајрус („Flowers“), Оливија Родриго („Vampire“) и Џон Батист („Butterfly“).

Фото: Valerie Macon / AFP / Profimedia

„Flowers“ најслушана песна во 2023

Песната „Flowers“ на Мајли Сајрус беше една од најслушаните нумери во 2023 година, па сосема заслужено ја доби наградата Греми за запис на годината.

– Ви благодарам многу. Оваа награда е прекрасна, но навистина се надевам дека нема да смени ништо бидејќи мојот живот беше убав и вчера. Нема секој човек да добие Греми, но секој на овој свет е спектакуларен. Ве молам, немојте да мислите дека ова е нешто посебно. Иако е многу важно… – изјави Сајрус.

Претходно истата вечер, пејачката ја доби и наградата за најдобра поп соло изведба и ова ѝ беше нејзина прва победа на Греми.

Исто така, Сајрус беше номинирана и за албум на годината („Endless Summer Vacation“), песна на годината („Flowers“), најдобар поп вокален албум („Endless Summer Vacation“) и најдобро поп дуо, односно група („Thousand Miles“ со Бренди Карли).

Фото: Valerie Macon / AFP / Profimedia

Викторија Моне – ново име во музиката

Младата пејачка Викторија Моне ја освои наградата за најдобар нов изведувач, победувајќи ја силната конкуренција – Ајс Спајс, Фред Аген, Коко Џоунс, Џели Рол, Фрејси Абрамс, Ноа Каан и дуото „Вор енд трити“.

Моне беше номинирана во неколку категории на годинашното издание на наградите, а дома си замина со уште две статуетки – за најдобар аренби албум („Jaguar II“) и најдобро проектиран албум („Jaguar II“).

Нејзината песната „How Does It Make You Feel“ доби номинација за најдобра аренби изведба, а песната „On My Mama“ беше во трка за најдобра аренби песна. Ќерката на Моне, Хејзел Моне, е најмладата номинирана изведувачка во историјата на наградите Греми.

Фото: Matt Winkelmeyer / Getty images / Profimedia

Сите победници можете да ги прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот