2023: Ах, тој Марфи

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

И оваа, како и многу пред неа, длабоко ги разочара сите оние што гласно или скришно се надеваа дека по две-три години фрлени во бунар поради пандемијата, по безумната војна во Украина, по кризата со цените на гасот и храната… нешто, било што, може да тргне на добро

Кога во јуни 1949 година на полигонот на военото воздухопловство во Калифорнија тестирале влијание на гравитациските сили врз пилотите, на некој кутар мајмун во хидраулична санка му врзале елек, но сензорите не отчитувале ништо.

Инженерот Едвард Алојз Марфи Џуниор нервозно заклучил дека за проблемот е виновен неговиот помошник. Наместо да го испрати по ѓаволите, промрморел низ мустаќи: „Ако овој тип воопшто може да направи грешка, ќе ја направи!“.

Така Едвард Алојз Марфи несвесно го дефинирал универзалниот закон што важел отсекогаш, од очовечувањето на мајмуните па до денес, кога тивко се одвива процес во спротивна насока.

Ако нешто може да тргне на лошо, сигурно ќе тргне на лошо!

Закон без дупка и од кој нема бегање. Се потврдил во безброј случаи. Вткаен е, и тоа мошне сериозно, во технологијата, во социјалните односи, во бизнисот, во воената тактика, насекаде. Ако некој сака да го оспори, слободно нека повели и нека ја објасни 2023 година.

И оваа, впрочем како и многу години пред неа, длабоко ги разочара сите оние што гласно или скришно се надеваа дека по две-три години фрлени во бунар поради пандемијата, по безумната војна во Украина, по кризата со цените на гасот и храната… нешто, било што, може да тргне на добро.

Ама законот вели друго. Ако нешто може да тргне на лошо, сигурно ќе тргне на лошо!

Во ова време пред точно една година кој очекуваше дека оружјето не само што нема да стивне, туку ќе грмне уште посилно во Израел и во Газа, со ѕверства што е тешко и да се замислат. Гладните се уште погладни, воздухот уште погнасен. „Двигателите на развојот“ не престанаа да тргуваат со човечки судбини и да нѐ убедуваат дека всушност ни е подобро: „Ете, скокна индексот на берзите“.

Наместо огномет, бомби врз Газа – Фотографија ЕПА, Мохамед Сабер

Има таков народ што го претпочита законот на ифраМ: „Ако нешто може да тргне на арно, ќе тргне на арно!“. Други, пак, велат „Марфи бил оптимист!“.

За нив е резервирана идната година. Ако војните во Украина и во Газа може да ја надживеат 2024 година – сигурно ќе ја надживеат. Ако може да се прошират – ќе се прошират. Ако може Путин да се кандидира за претседател – ќе победи. Ако може ЕУ да се реформира – ќе дебатира.

Сѐ всушност е јасно и подредено на 5 ноември, кога законот на Марфи ќе биде на тежок испит: Ако Трамп биде кандидат…

Ако се потврди законот на Марфи, ќе ликуваат Путин, Нетанјаху, Орбан, Вучиќ, Сји, Моди, Ким и сите што гравитираат кон светски поредок на диктатури. Ако не, ќе се разочараат и веројатно ништо повеќе.

Работник во фабрика за преработка на пластика во Кенија – Фотографија ЕПА, Даниел Ирунгу

Проблемот е многу поширок и многу посериозен. Како се развива вештачката интелигенција, така скапува природната. Сѐ помалку ги има оние што мислат со сопствена глава. Зошто некој воопшто би размислувал, кога во џебот има уред што му сервира што му се допаѓа, кога некој алгоритам или драг лидер решава за него?

Животот е тежок и скап, ама завртивме уште еден круг околу Сонцето. Сѐ додека патувањето е бесплатно, кротко се постројуваме, како кутриот мајмун на Марфи, да се насанкаме уште еден круг, да ги тестираме гравитациските сили.

Среќна ви нова, олимписка и изборна, престапна 2024 година!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот