Зошто полека и секојдневно се уништува нешто толку скапоцено, како што е Охрид?

Зоја Бузалковска/Фото: Приватна архива

Охрид е билјур. И сакам таков да ми се врати, за да го споделам гордо со оние што допрва го откриваат, како нешто што досега не виделе никаде и тешко дека ќе видат. И тогаш, единствениот коментар ќе биде – Каква убавина, каква убавина, каква убавина…

Отворено писмо до:
До Општина Охрид
До Министерство за транспорт и врски
До Министерство за внатрешни работи
До Министерство за култура
До Влада на Република Северна Македонија

До охриѓани и до сите жители на Македонија

Во Охрид летувам откако знам за себе. Вкупно двапати моите родители ме однесоа на море, еднаш на две и еднаш на пет години, а во сите други години од моето детство и од мојата младост, летата ги поминував во Охрид. Денес, дури и кога одам на море или да посетам некој град низ Европа летно време, ако не дојдам во Охрид, не сметам дека сум му удрила печат и дека со тоа сум го заверила летувањето и не се чувствувам одморено.

До 1989 година, летувавме во изнајмени соби и секогаш на кејот. Татко ми велеше, овде е Охрид, до езерото. Од 1989 година имавме среќа да купиме едно минијатурно куќиче во распад, токму на кејот и полека-полека тоа да стане нашето ново катче, во кое ќе ги поминуваме летата, некогаш и по два месеца престој.

Значи, Охрид го паметам многу, многу одамна, кога беше „пустелија“, со раскршен кеј и стари улици, по некоја бутка за варени ѓевречиња и чашки јогурт, но со убави плажи, на кои одевме ритуално секој ден од 10 до 18 часот, а потоа – прошетка по корзото или на Охридско лето од 20, најдоцна 21 до 22:30 и во 23, детето и мајката во кревет, таткото на кејот пред куќи, на риболов до 5 наутро. Она што беше карактеристично тогаш, беа убаво уредените плажи со тревници и ресторанчиња покрај хотелите (Хотел Парк, Инекс Горица или Десарет, на пример) и во фантастичните кампови (Елешец, Градиште, Љубаништа, Св. Наум), Охридско лето со концертите во црквата Св. Софија и во предворјето на Св. Софија, во Имарет, кој длабоко во себе ја чуваше автентичната Климентова школа и во чиј двор сме ги гледале едни од најубавите претстави – премиери или гостувања, Самуиловата тврдина, тогаш многу поавтентичен простор во кој се одржуваше голем дел од програмата на Охридско лето со многу театарски претстави, опери, концерти… Единствена пречка да изгледаме или да отслушаме нешто докрај ни било времето, зашто во седумдесеттите и осумдесеттите Охрид беше многу поладен град, па секојдневно се „пазаревме“ со родителите дали и колку смееме да пливаме (температурата на езерото најчесто беше 19 степени, а на воздухот неретко 28-29 степени), а навечер некои шетаа дури и со бунди, а зимските јакни беа вообичаена потреба.

Во сето ова, Охрид секогаш го разбирав како туристички атрактивно, неоткриено или потценето место, но пред сè како чудо на природата и како голем, но тивок културен центар, во кој беше благодат да се шета по знаменитостите и да се насладува на природните убавини, да се влезе и ексклузивно, а толку скромно и интимно да се слуша концерт во Св. Софија, да не може да се одвои погледот од езерото од видиковецот на платото пред Св. Јован Канео, да се занеме пред иконите во тогашен Св. Климент, да се ужива во фреските во претходно споменатите цркви и во уште многу други црквички расфрлани по брдото, на другата крајна точка од езерото, да се посети црквата во Св. Наум и конаците и изворите, а со кајче, речиси скришно, да се ѕирне и во Св. Заум, да се патува со брод за премиерата на „Медеја“ на Драмски театар во Св. Наум или да се гледа „Галеб“ на МНТ на брегот на плажата во Хотел Парк или „Ричард III“ на Љубиша Ристиќ на истото место, само во тревникот во близината итн.

Одевме и во Летното кино – тука во раните тинејџерски години го имам гледано „Сината лагуна“, одевме и во Домот на културата на кино и на претстави. Градот беше жив до 23/24 часот, а потоа стивнуваше сè, освен затворената дискотека во близина на Хотел Парк, но доволно далеку за да не им пречи на гостите од хотелот да одморат, зашто утредента треба да се појадува рано и да се биде на плажа најдоцна во 10 часот. Сме се прибирале и тогаш, како што сме растеле, во 5 наутро од „Jazz Inn“ или од дискотека, со бурек во рацете, и сме оделе право кај рибарите (меѓу кои и татко ми) да ги поздравиме, но сме шепотеле, зашто сме имале однос кон сите што спијат и кон тоа дека Охрид е благ, тивок град и ако викнеш, се чувствуваш како да му ја кинеш утробата. Езерото во градот беше стакло чисто, незагадено, со многу треви и затоа рибарите фаќаа крапови од по повеќе килограми недалеку од брегот.

Кога Охрид почна да се урбанизира, кога се појавија првите туристи од Холандија, кога доста подоцна се отвори меѓународниот универзитет МИТ, па гласот почна по малку да се шири и низ другите земји низ светот, се појавија првите посериозни рекламни спотови, а со тоа и нови гости, бев многу горда, радосна и со уживање гледав како градот се обидува да стане пошироко позната и посакувана дестинација.

Но, потоа почнаа глупостите: трансформацијата на некои од најзначајните културни обележја отиде во насока на бришење на трагите од минатото, кои ги збогатуваа овие објекти. Овој процес значеше непотребна комерцијализација, но и „поевтинување“, губење на спецификите, обид по секоја цена да се „исчистат“ објектите од влијанијата низ времето, дури и по цена на уривање на нивната автентичност, акустика, основни функции. Така, Самуиловата тврдина стана замок од Дизниленд, Имарет со динамит отиде во неповрат, па неговата замена Плаошник стана место за свадби и крштевки, а остатоците од Климентовата школа, како коски од умрен човек собрани во вреќа, во парчиња и вештачки вметнати во новиот простор, ги изгубија својствата што ги имаа. Минарето од Св. Софија го снема, а со него и надалеку познатата акустика, а калдрмата во чаршија беше заменета со нова, поевтина, која одвреме-навреме поприма својства на лизгалиште. Единствен важен и драгоцен потег беше пронаоѓањето на остатоците и реставрацијата на Античкиот театар, иако и тој проект остана недовршен, зашто не се стаса до оркестрата, односно до неговиот облик во грчко античко време, кога бил амфитеатар, па затоа ја нема потребната акустика, односно звукот се одбива од три и пол метарските ѕидови од римско време, кога овој простор служел за гладијаторски борби со диви ѕверови.

Втор проблем на градот стана и денационализацијата и приватизирањето на државните објекти, пред сè хотелите, па така грандиозниот хотел Палас, едно од најпосакуваните и најатрактивни места во центарот на градот, во кој се одржуваше меѓу другото и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура секоја година, со присуство на многу странски гости од целиот свет, стана чир во центарот на градот, темно петно, пред и покрај кое се стационираа сите панаѓурски игри на забава, меѓу кои апаратите за удирање боксови, шутирање фудбалски топки, забавни паркови (оваа година главна атракција е Dance Party), од каде што во текот на целата вечер се слушаат рески звуци на удари, врева и вресоци од млади луѓе, континуирано во траење од 6-7 часа. До нив бутки со палачинки, мини-крофни, вафли, гиро, продавници за капи и накит, улични свирачи што свират на инструменти или пеат на матрица со звучник. Во сиот хаос на тесното грло, две вовчиња, бучни, паралелно возат, ставајќи ги туристите во теснец. Насекаде по брегот, од сите страни, клубови што работат и до 2 часот, од каде што се слушаат звуци на свирки на cover бендови, соло пејачи (најчесто турбо-фолкери, а ако е Аца Лукас, ќе го слушате до сабајле), бендови, диџеи и сл., брод што плови по езерото со гласно пуштена музика и караоке до доцна во ноќта, а на Билјанини извори постојано концерти (пред некоја недела Ацо Пејовиќ, за кој, ете, не знаев дека постои, а по неколку денови Ohrid Calling до раните утрински часови). Со оглед на тоа дека езерото пренесува звук, практично се случува луѓе што живеат или се отседнати во стариот град, близу до Св. Богородица Перивлепта, да немаат спокој до доцна во ноќта поради озвучувањето во Билјанини извори, а луѓето на кејот, од 20 до 05 часот никако не смеат да отворат прозорец или балконска врата, затоа што ќе бидат изложени на најмалку 15 извори на звук истовремено – тие ги слушаат и свирките во Кадмо и Куба либре и концертите во Билјанини извори и бродот со трештена музика и сите улични музичари и боксерите и фудбалерите во најава и денсерите што уживаат во тоа да им ја превртуваат утробата и сите млади луѓе што до пет часот наутро седат на тревниците или на клупите во должина на кејот, гласно зборуваат, се довикуваат, пеат, се фрлаат во езерото, пуштаат музика на мобилните телефони или на bluetooth-звучници, повраќаат, уринираат по ѕидовите на куќите, во околните дворови или во езерото.

Полицијата божем патролира од кола или на мотори со кациги врз ушите во раните вечерни часови, а кога станува клучно да патролира, сосема ја снемува. И кога е тука, таа не може да слуша, таа само може да види, што значи ја интересира единствено дали има тепачка. Сето друго за полицајците е во ред. Не постои нешто што се вика нарушување на јавниот ред и мир, не постојат правила на однесување во летувачки центар.

Ваквиот скандалозен „куќен ред“, кој Охрид самиот си го има воведено и заверено, сериозно го попречува дури и одвивањето на најсилното обележје на градот лете, Охридско лето. Деновиве бев на концерт на Немања Радуловиќ во Долни Сарај. Можев да насетам дека е тоа еден прекрасен концерт на врвен музичар, со врвен оркестар. Но, во најсуптилните моменти, а ги имаше доста, повеќе го слушавме вресокот на превртуваните деца на панаѓурот Dance Party или звукот на свирежите и хорското пеење песни на бродот што одвреме-навреме се доближуваше до брегот под Долни Сарај, одошто музичарите на концертот на кој бевме дојдени. Водата ги донесе сите „нечистотии“ во Долни Сарај. Кога следен пат ќе се обидам да слушам концерт овде? Се разбира, никогаш повеќе. Кога Немања Радуловиќ ќе се согласи да свири на ова место? Се разбира, никогаш повеќе.

Што се однесува до дневната шема, на кејот преку ноќ никнаа низа високи хотели и ги заменија или ги потиснаа двокатните стари куќи со прекрасни дворови, кои издаваа соби со години во прекрасни услови или ги принудија да изградат уште по еден кат, за сосем да не ги покријат. Истовремено, насилнички ги запоседнаа и патеките за пешачење, како и сите поранешни тревници и дворови, а комбињата што носат намирници, по цел ден вреват со товарање и растоварање на деранжман на самите гости, во истите тие хотели, но и во вилите покрај нив, а се разбира и на деранжман на домашните жители. Кејот полека стана Градска плажа, со лежалки и lazy bag – ова од истите тие хотели.

Надвор од центарот на градот, пак, полека-полека и многу тивко, повторно се издаваат плажите под концесија. Новите газди си го прават ќефот тероризирајќи ги гостите, па може да слушнете турбо-фолк пуштен до даска додека пливате во езерото, доста далеку од брегот. Па, дури и кога не би бил турбо-фолк, самото наметнување музика пуштена на најјако е немање осет за мирот и спокојството што му се потребни на оној што дошол на одмор. Лежалките повторно се поставени по целиот простор и луѓето што не сакаат да изнајмат лежалка, немаат каде да си ги стават крпите или постилките. Продолжува и насилието на урбаната мафија, спротивно на барањата и на законитостите за Охрид – град на УНЕСКО и неговата заштита како природна реткост и културно наследство. Во градот во кој лете како да не важат законите, дозволите и забраните, опасно по живот е да се плива малку подлабоко, зашто пловните објекти поминуваат близу до брегот, сосема спротивно на ознаките, а скутерите дивеат по цел божји ден, сосема спротивно на прописите, според кои би смееле да се движат дури по 19 часот (ова е, попатно, исто така, многу смешен пропис, бидејќи од 19 до 20 часот е најубавото време за капење, а скутерите може да се движат по езерото и по 15 часа, доколку тоа го прават во длабоките води, каде што е речиси невозможно да има капачи).

Годинава во Охрид многу често слушам странски јазици – англиски, шпански, француски, холандски, германски, италијански, дански, полски, чешки, унгарски и многу други. Сакаме ли овие луѓе да ни дојдат пак? Или, ај вака – што им нудиме? Дали сакаме да им понудиме еден бисер на духовноста и на природните убавини, со кој може да се поврзат тивко, неспектакуларно и да уживаат во неговите реткости, какви што не може да видат или да доживеат на ниту едно друго место во светот, да се насладуваат на автентичната кујна или да ја слушнат, можеби за првпат, толку специфичната музика на ова поднебје, чиј ритам и најврвни музичари неретко не можат да го повторат? А ако не сакаат тоа, да можат да чујат нешто што им е препознатливо или блиско? Разбираме ли ние дека овие туристи можеме да ги „освоиме“ за цела година, а не само за 15 дена? Едни преку летото, кои се заинтересирани за комбинација од пливање и сончање на некоја од потенцијално прекрасните плажи и посета на знаменитостите на градот, и други, кои би дошле на поинаков престој, со планинарење, посета на културно-историските споменици, прошетки по кејот, поминување период на рековалесценција во некое од одморалиштата (впрочем, Охрид важи за град на рековалесценти од кардиоваскуларни болести) и сл. Или сакаме да се фокусираме на 20-дневна журка лете и 5-дневна зиме во балкански манир, каде што ќе удриме на турбо-фолк или на свирки и сетови до ниедно време, ќе ги оставиме луѓето да дивеат по улиците до сабајле, ќе разбркаме сè живо кое држи до мир и спокој (оти се вика летен одмор, а не летен замор), полека, но систематски ќе ги уништиме културно-историските обележја на градот, Охридско лето, плажите, брегот, шумите и, воопшто, целата природа, а најтрагично од сè во неа – езерото. Се чини, надвор од ова, треба да се постави и тоа прашање – има ли Охрид воопшто капацитет да издржи 20-дневна преполнетост на градот визави наглото празнење по 15 август?

Во градот и во неговата околина има навистина многу нови места со фантастични услуги и многу нови содржини, кои апсолутно соодветствуваат на неговата вистинска природа. Курсевите за параглајдерство, понудите за нуркање, јавање, патеките за планинарење и велосипедизам, можноста за организирана посета на етно-селата со фантастична кујна, убаво уредената пешачка и велосипедска патека до Хотел Парк, подобрените угостителски услови и услуги, сето тоа му лежи и му припаѓа на Охрид. Но, како ова соодветствува со хаосот за кој пишував погоре?

Кога критикувам, сакам секогаш да помислам, има ли чаре? Се разбира дека има. Нема да го измислиме ние, веќе е измислено и се практикува со децении наназад. Прв пример – Грција. Не тешете се, не одат туристите таму само поради тоа што има море, а не езеро, многумина токму езеро би избрале заради раатот, подоброто спортско пливање, несолената вода, посвежите ноќи, побогатата понуда од содржини, знаменитостите и сл. Но, она што има таму, тоа е – услови за одмор и немалтретирање на посетителите. На плажите, шанкчиња со тивка, пријатна музика. Ако сакате да ја слушате, ќе си седнете поблиску до шанкот, на масичка или ќе си земете лежалка во близина на изворот на звук. Лежалките се поставени блиску до шанкот, а до нив – огромен простор за луѓе што не сакаат да ги користат услугите на кафанчето и си дошле со сопствена опрема за плажа. Таму секоја куќа, вила, пансион си има свои правила, уредно запишани на влезот на неколку јазици. Ако ги прекршите, ќе ве избркаат и покрај тоа што сте платиле и нема да ви ги вратат парите.

Правилата подразбираат дека по 23 часот, не смеете гласно да зборувате, да пуштате со силен тон телевизор или компјутер, да слушате гласна музика или да зборувате, а ако се вратите по ова време дома, ако имате обувки со штикли треба да ги извадите и да одите боси до своите соби, за да не разбудите никого. Од 14 до 17 часот е време за попладневен одмор и од туристите се бара истото. Сета врева и забава до 23 часот се одвива во центарот на градот, каде што се концентрирани сите ресторани, таверни, пекари, продавнички и игри на забава – простор што е издвоен од хотелите и вилите и до кој се доаѓа пеш. Забавите што траат до доцна во ноќта се случуваат некаде надвор од гратчето во кое летувате или во затворен простор на место на кое исто така нема пансиони. Работата никогаш не доаѓа до полиција, зашто мештаните самите си го заведуваат редот. Зошто? Зашто се земја на развиен туризам со огромно искуство и знаат дека правењето ќеф на малкумина, ќе направи да изгубат многумина. Таму и овие нашиве забавувачи од кејов се однесуваат според правилата и ги фалат домашните што ги воспоставиле.

И уште еден пример, ни помалку ни повеќе, од Поградец. Веднаш тука, само од другата страна на езерото и во друга држава (Албанија). На шеталиштето навечер патролираат двајца полицајци (кога бевме ние, девојка и момче), убаво облечени, со дискретна ознака на полиција, кои тивко и со насмевка ги опоменуваа оние што на каков било начин им пречеа на луѓето излезени да прошетаат, тоа да го прават мирно и спокојно. Некако, одеднаш, имаше простор за сите желби и потреби и секој се чувствуваше слободен да го прави тоа што сака, без притоа да му попречи на другиот да биде слободен и да постапува по своите желби. Само култура на однесување и однос за просторот на другиот. Многу убаво и едноставно решение. Но, тоа се однесува само на еден од низата проблеми за кои овде пишував. А за нив требаат системски решенија и волја, како и одговор на прашањето – каков туристички центар сака да биде Охрид и дали Охрид, обидувајќи се да им удоволи на сите и со тоа повеќе да заработи, всушност не прави, никој на крајот да не е задоволен и туристичката сезона да станува сè пократка и пократка, а со тоа и заработката на измачените охриѓани, кои сè почесто и поинтензивно се иселуваат од градот и од државата. Се чини, и самите охриѓани се лажат дека ако им дозволат на гостите сè, ќе останат подолго, а на крајот незадоволно констатираат дека, НЕ ЗНААТ ЗОШТО, сезоната оваа година траела пократко од обично. Она кон кое полека оди работава е дека на крајот Охрид ќе се претвори во викендашки град, со ненормални гужви од петок попладне до недела попладне и пустош во работните денови, со превисоки цени и за домашните, но и за странските туристи (можете да си замислите како им е на самите охриѓани, кои не можат да си дозволат кило патлиџани поради ненормално високите цени, зашто патлиџани се јадат лете, а не кога нема туристи). Или, пак, ќе се претвори во дестинација на која странците на пропатување ќе застануваат на ден-два на својот пат до Грција, Албанија, Италија или Бугарија… па дури и тоа тешко ќе им падне, оти за на пат треба убаво да се наспиеш и одмориш, за да можеш да продолжиш понатаму, а тие дури ни тоа нема да го добијат во кратката средба со Охрид.

На самиот крај, Охрид го замислувам како тивка природна реткост, во која доминантен е токму звукот на природата, а црквичките расфрлани по прекрасното брдо, познато како „Стариот град“, ги мамат туристите да влезат и да доживеат како е да ти се пресече здивот од убост – во средбата со фрескописното мајсторство на средновековието… А таму, покрај нив, по малите улички, куќите од препознатливата охридска архитектура, снег бели, со темнокафени дрвени прозорци и еркери, а долу, во каменото приземје, во малите продавници, делата на прекрасните мајстори филигранџии или нижачи на накит од охридски бисер, како и на други прекрасни ракотворби… И куќата на Робевци. И погледот од Св. Канео… И театарот… И тврдината…

Да беше Охрид во некоја високоразвиена европска земја, за секоја промена на изглед или обем на куќа, за секое копнување в земја, за секоја реставрација на споменик на културата, за секое рушење или пренамена, ќе одлучуваа служби од врвни археолози, кои ќе издаваа ретки дозволи за градби, никако немаше да дозволат рушење, внимателно ќе ги спроведуваа сите реставрациски процеси и ќе внимаваа, што и да е ново, никако да не го наруши, нагрди, компромитира, загрози наследеното. Но, за жал, не е. Зошто ние не можеме така? Или, зошто кај нас сè е можно, па и тоа полека и секојдневно да се уништува нешто толку скапоцено, како што е Охрид?

Што е сторено, сторено е… Но, дајте да го дочуваме она што е сè уште автентично и толку неповторливо драгоцено… Охрид е билјур. И сакам таков да ми се врати, за да го споделам гордо со оние што допрва го откриваат, како нешто што досега не виделе никаде и тешко дека ќе видат. И тогаш, единствениот коментар ќе биде – Каква убавина, каква убавина, каква убавина…

(Авторката е театарска режисерка и редовна професорка на ФДУ Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот